Лимани: Некои го користеа Охридскиот договор, за да се збогатат себеси и своите семејства, а граѓаните беа разочарани

„Минатите влади не ги исполнија во целост ветувањата од Охридскиот рамковен договор. Многу права на Албанците и другите етнички групи беа фрлени во сенка, а нивните напори за еднаквост и правда беа запоставени. Некои го користеа Охридскиот договор за да се збогатат себеси и членовите на своите семејства, а граѓаните беа разочарани.“ – нагласува на фејсбук Фатмир Лимани, министер за социјална политика, демографија и млади во Владата на Република Македонија, како и потпретседател на Беса, од коалицијата Вреди, како членка на Владата. Објавата на Лимани на оваа општествена мрежа ја пренесоа информативната агенција Илирија-ИНА и други медиуми на албански јазик во Македонија.

Во објавата, напишана двојазично, на албански и македонски јазик и во која се истакнати симболите на албанското и македонското државно знаме, Фатмир Лимани уште истакнува: Денес со Коалицијата Вреди, како дел од Владата, започнува ново поглавје, полно со надеж и решителност. Ова е историски момент, кој буди гордост и емоции кај секој Албанец и кај секој граѓанин, кој верува во правда и еднаквост. Коалицијата Вреди е решена да го спроведе Охридскиот рамковен договор и да обезбеди целосно почитување и заштита на правата на Албанците и другите етнички групи.

Ова е моментот кога на Албанците и на другите етнички групи ќе им бидат вратени правата, кои им се ускратени долго време. Коалицијата Вреди смета дека е ова важна задача и се обврзува да изгради поправедна, социјално постабилна и економски посветла иднина за сите граѓани на * Македонија. На овој начин ги зајакнуваме правдата, стабилноста и напредокот, заради подобра иднина за сите.