„Нека не се надева ни Србија, ни Бугарија, ни Грција дека една педа земја македонска ќе добие, зашто за нејзиното ослободување ние крвта ќе ја пролеваме, па не ја даваме на друг, туку наша ќе биде.“ – зборувал во своето време легендарниот македонски војвода „лутиот“ Јордан Пиперковски – Пиперката. Роден е на денешен ден, на 23 јуни во 1870 година во кичевското село Козица. Дејствувал најмногу во Демирхисарско и често е нарекуван демирхисарски војвода. Јордан Силјанов – Пиперката е еден од најхрабрите и најпопуларните револуционери и војводи од времето на Илинденската епопеја, учесник на Смилевскиот конгрес во мај 1903 година и учесник во Илинденското востание. На 1 август 1903 година во Церско Поле, Демирхисарско, паднал во заседа на турската војска и тука, откако бил ранет, последниот куршум го испукал во себе и не се предал жив во рацете на непријателот. Македонскиот народ секогаш знаел да го вреднува и да го памети јунаштвото на сопствените херои и револуционери. Нивната храброст, борба, жртва за ослободување на поробена Македонија најчесто била запаметена, со тоа што им се испеани песни. Тие песни продолжија да живеaт меѓу народот, се пееја на свадби, на други веселби и празници. Таков е и случај со големиот македонски револуционер Јордан Силјанов Пиперковски, наречен Јордан Пиперката.
Тој потекнува од сиромашно земјоделско-сточарско семејство и уште од раните детски денови ја почувствувал сета горчина на тешкиот селски живот во ропството. Детството го минал во времето на немири и превирања во Македонија. Бил буен и пргав по природа. Тешко го поднесувал односот на турските власти. Кај Јордана се јавила желба за самостојност и ајдукување и бил подготвен да му се спротивстави на непријателот. Решил да излезе ајдук. Сепак прво заминал на печалба во Софија, каде го научил фурнаџискиот занает и финансиски зајакнал. Од заштедата ги помагал и своите во Козица, но никако не можел да ги заборави тортурите над селаните. Наскоро влегол во Пиринската чета на Дончо Златков. Запознавајќи ги подробно ајдучкиот живот и целта на изведените акции, ја презрел заблудата од бугарската владина и дворска ослободителна дејност. Затоа одлучил да се врати во Македонија.
Неколку години престојувал во Македонија. Во 1895 година Јордан повторно се вратил во Бугарија, каде што со Стојко Војвода и Кочо Љутата зел учество во Мелничкото востание. По повеќегодишното ајдукување низ Бугарија во 1897 година, Јордан Пиперката со својот соборец Марко Лерински пристигнал во Кичевско. Како одличен стратег, надарен од природата и вооружен со умствени дарби, Јордан станал страв и трепет за турските власти. Во 1901 година бил комита во четата на Никола Русински. Истата година бил наименуван како војвода на Демирхисарскиот реон. Дејствувал и во Крушевско и Кичевско. Во својта немоќ да го фатат Турците околу него создавале легенда дека го чуваат духови. Сите акции, што ги презел Пиперката во текот на 1902 година, многу брзо се пренесувале и се разгласувале меѓу народот.
Од ден на ден растела неговата популарност. Секаде каде што имало потреба Пиперката итал на помош. Народот во него не гледал веќе ајдук, туку револуционер – борец кој секогаш бил со нив, меѓу нив да им помага, да ги одбрани од напаѓачите. Со својата брза чета преку ноќта се движел од едно во друго место, минувајќи пат и по 60 километри, само да стаса каде што имало потреба. Во тој период неколку успешни битки го карактеризираат почетокот на Илинденското востание во Демирхисарскиот крај и во Кичевско. Но, неповолните вести за положбата на Крушево продолжиле да пристигнуваат.
Републиката вивнала во пламен. Војводата Јордан и другите тргнале кон село Белица. Преку месноста Скакало и каменестите врвови на село Големо Царско реонската чета дошла до месноста Грнчарец, над патот Кичево – Битола. Оттука имале добар поглед на голем дел од реонот, а особено на патот за Крушево преку Цер, С’лп, Големо и Мало Церско. Со востаниците било избегано целото население од Цер. Во селото останале само болни и немоќни старци кои, биле ѕверски измачувани од Турците, а селото било запалено. Јордан Пиперката застанал на чело на една група и се упатил кон Цер, но биле забележан и биле нападнати. Меѓу селата С’лп, Големо и Мало Церско започнала борба, а аскерот започнал да стрела и со топови. Четите од Грнчарец се упатиле на помош и судирот се засилил.
Сите опколени успеале да се повлечат, освен тројцата загинати, меѓу кои бил и војводата Јордан Пиперката. Веста дека Јордан Пиперката не е повеќе меѓу живите, по извлекувањето од обрачот, ја донеле востаниците од неговата чета. Таа болно одекнала меѓу присутните и како молња се проширила во целиот крај. Истата ноќ мртвите тела биле пренесени во селото Велмевци, каде што биле погребани во присуство на многуброен народ. Додека се збогувале со мртвите херои, заплакало старо и младо за војводата, кој ги штител од душманите. Заплакал насобраниот народ за Јордан Пиперката за кого додека беше жив прераскажувале легенди и пееле песни. Бил закопан во местоста Черешна во блиската околина на Велмевци, место од каде што се гледа целата околина како на дланка. На војводата му е подигнат споменик кој се посетува од мештаните на околните села секоја година, традиционално на 2 август — Илинден.
„Големиот војвода Јордан Сиљанов Пиперката ја сакаше својата татковина повеќе од се. Ќе остане запаметен како непомирлив, воинствен и храбар, кој не го жалеше својот живот за да ја види слободна својата земја. Во сите години на неговото делување, бил истакнат борец и секогаш се трудел да биде присутен на сите места од регионот, каде што му беше потребен на својот народ. Сите ние, помладите генерации, треба да ги следиме стапките на Пиперката, кој беше вистински показ како се сака и се гине за својата татковина.“ – истакна Станоја Станојоски, жител на Козица, родното село на Пиперката, и голем почитувач и поддржувач на делото на славниот војвода.
Јордан Силјанов – Пиперката ќе остане запаметен како еден од најпопуларните и најопеаните македонски војводи во повеќе народни песни. Благодарниот македонски народ го опеал својот војвода и заштитник и во „Се собрале комитите“: Се собрале комитите. / Ќе ми одат Суво поле. / Напред оди војводата – / воjводата Јордан Пиперката / Ќе ми фаќат метел изин / Ќе го чекат Алил паша, / што ја грабил руса Стојна, / руса Стојна од Мало Црско / Проговара војводата – / војводата Јордан Пиперката / Ај да слеземе долу Брезово. / Да го венчаме Алил паша / за невеста остра сабја.
Користени извори: „Скопско Ехо“, „Нова Македонија“, „Македонска нација“





