Актуелниот премиер Риши Сунак ја призна победата на лабуристите на изборите и катастрофалниот пораз на неговата конзервативна партија на вчерашните избори.



„Трансферот на власта ќе се врши на мирен и уреден начин, со добра волја од сите страни. Ова треба да ни даде доверба во стабилноста и иднината на нашата земја. Британскиот народ денеска донесе отрезнувачка пресуда, треба да се научат лекции… и јас ја преземам одговорноста за неуспехот, рече Сунак.

Предводена од Кир Стармер, Лабуристичката партија, која беше во опозиција во последните 14 години, самоуверено победи на општите избори во Велика Британија.

Се очекува партијата на левиот центар да има големо мнозинство во парламентот со 650 места, додека Конзервативците се соочуваат со најтешкиот пораз во историјата на партијата, откако гласачите ги казнија за кризата на животните трошоци и за низа скандали.

„Промените можат да почнат сега. Рековме дека ќе ставиме крај на овој хаос и ќе го направиме тоа, рековме дека ќе свртиме страница и го направивме тоа. Денеска го започнуваме следното поглавје, почнуваме да работиме на промената за да ја обновиме земјата“, изјави 61-годишниот Стармер, кој дојде на чело на Лабуристите пред четири години.

Според досегашните неконечни резултати, Лабуристите ќе имаат 410 пратеници, 210 повеќе од досега, а Конзервативците ќе паднат на само 116. Четири пратеници освои партијата Реформа, чиј лидер Најџел Фараж, кој ја предводеше кампањата за брегзит, успеа да влезе во парламентот дури од осмиот обид.