Курти се сретна со кандидатите за пратеници – Горани и Љатифи: Подло се меша во РМ, за да стане лидер на албаносферата!

На 16 април 2024 година во Приштина премиерот на Косово и лидер на тамошната владејачка партија Ветвендосје (Самоопределување) Албин Курти остварил средба со кандидатите од Ветвендосје за пратеници во рамки на заедничката изборна листа со албанската опозициска коалиција од Македонија „Вреди“. Во медиумите на албански јазик во Македонија и во регионот засега нема поблиска информација која била темата на средбата и разговорот на Курти со неговите кандидати за пратеници, кои се, инаку, граѓани на Македонија. Познато е само дека тие присуствувале на седницата на Генералниот совет на партијата на Курти во Приштина. Вест за средбата во  Приштина објави и информативната агенција на албански јазик „Журнал“ од Скопје, пренесувајќи ја објавата на фејсбук на Беким Ќоку од Струга, политички советник на Курти и официјален претставник на партијата Ветвендосје за Македонија. Ќоку е и еден од тројцата кандидати за пратеници.



На фејсбук Ќоку напиша: „Ние, кандидатите за пратеници, јас, Нафие Селмани за изборната единица 1 (Скопје) и Медине Укшини за изборната единица 2 (Куманово) се сретнавме со партискиот лидер и премиер Албин Курти на седницата на Генералниот совет на Ветвендосје. Силна поддршка и незапирлива инспирација за промена!“

Мешањето на Албин Курти и неговата партија Ветвендосје наидува на жестоки реакции од страна на видни експерти и политички аналитичари од Косово. Д-р Дукаѓин Горани, социолог, медиумски експерт и извршен директор на истражувачката организација Либерален демократски центар од Приштина, Косово, реагира со невидена острина на вклучувањето на Курти и Ветвендосје во изборите во Македонија.

Во емисијата „Пресинг“ на Т 7 пред неколку дена Горани изјави: „Косовскиот премиер Албин Курти се меша во изборите во Македонија само за да си го зголеми својот профил за парламентарните избори, кои ќе се одржат во Косово. Тој оди и се меша во внатрешните работи на соседните држави. Се мешаме во Македонија и истовремено инсистираме да нема мешање внатре во нашата суверена сфера. Тоа е најголема подлост и најголемо безобразие, какви што не сум видел досега. Вклучувањето на Косово и Владата на Курти во изборите во Македонија е злонамерно, тоа е ужасно. Станува збор за партиска агенда.“

Д-р Блерим Љатифи, професор по политичка филозофија во Приштинскиот универзитет остро го напаѓа Курти дека „има амбиција стане лидер на албаносферата во Балканот и оти поради тоа ја мобилизира својата партија Ветвендосје“.

„Косово се вовлекува на директен начин, отворено во изборните процеси кај Албанците, кои се одвиваат во една друга држава. Ова е лична амбиција на Курти да го промени својот политички профил и да стане албански лидер, кој има регионално влијание. Нему не му е доволно Косово, па сега има желба да биде и лидер во една, условно кажано албаносфера. Како резултат на таа негова амбиција и желба Курти ја мобилизирал неговата организација, неговите луѓе, неговата партија Ветвендосје, настојувајќи да се вклучи во изборниот процес во Македонија.“ – укажа Љатифи во емсијата „Пресинг“.  

Овој политички експерт од Приштинскиот универзитет дополнува во својата изјава: „Ние се наоѓаме во тешка криза, која носи со себе многу опасности. Се наоѓаме во криза, во врска со која германскиот канцелар предупредува дека може да избувне војна во Европа, додека британскиот секретар кажува дека сме веќе на прагот на таквата војна. Ние се наоѓаме, исто така, во ситуација кога премиерот на Косово Албин Курти не комуницира со премиерот на Албанија Еди Рама, не комуницира ниту со премиерот на Македонија Талат Џафери. Затоа, не е време за да  се следат личните амбиции, туку е време кога албанскиот чинител мора да биде  координиран.“