Куманово во 2017 „стана“ „албански град“, а синоќа и Хасани повтори дека „треба да им припадне на Албанците“!

„Не на мене, туку Куманово треба да им припадне на Албанците!“ – порача јавно д-р Илир Хасани, член на Централното претседателство на ДУИ едновремено и директор на универзитетската клиника за травматологија и ургентен центар во Скопје, од митингот на „Европскиот фронт“ на неговата партија, одржан синоќа во Куманово. Ова го јави ТВ 21. Инаку, останува засега дилема: дали Хасани оваа крајно провокативна изјава ја дал во лично својство, или можеби искажал и став на партијата на Али Ахмети. Придавање белег како „албански град“ Куманово доживеа и пред 7 години со симнувањето на македонското знаме од јарбол на неговиот централен плоштад и со поставување на албанското знаме, што се случи на 31 март 2017 година.



Во својата информација со наслов „Полицијата на нозе, Куманово прогласено како ‘албански град“ од 31 март 2017 година информативниот портал на албански јазик „Инфошќип“ напиша: „Полицијата во Куманово е мобилизирана до максимум по поставувањето на албанското знаме на јарбол на централниот плоштад во Куманово. Албанското знаме е кренато околу 16 часот од двајца млади Албанци, откако од јарболот било симнато македонското знаме. Еден од нив беше уапсен веднаш по овој чин.“

Случајно, или не, токму во истиот месец март во 2023 година и Фатмир Дехари, градоначалник на Кичево и висок функционер на ДУИ, организираше „10 години од албанското владеење со Кичево“, кое партијата на Али Ахмети од поодамна го има прогласено како „тврдина на албанството“. Патем, во низа албански медиуми подолго време се користи „новото име“ на Кичево, кое би требало да претставува албански топоним – „Ускана“, наместо изворниот македонски топоним „Кичево“.

Во својата информација со наслов „Кичево прослави 10 години ‘албанско владеење’, градот украсен со албански знамиња“ од 25 март 2023 година информативната агенција Макфакс, покрај другото, напиша: „Општина Кичево во организација на градоначалникот Фатмир Дехари вчера славеше 10 години од албанското владеење со општината. Целиот град е украсен само со албански знамиња. Од општината најавија и историски час насловен како ‘Кичево под албанска власт’.“