„Предлагам да влеземе во строј во градот. Да ѝ покажеме на ненародната власт дека ние, Македонците сме единствени, дека нема да дозволиме да нѐ претворат во робови. Нека знае оваа ненародна власт дека македонското име никогаш нема да се заборави. Треба да ѝ кажеме дека не ја одобруваме нејзината политика, која сака да нѐ направи послушни робови на Хитлер.“ – има кажано Кузман Јосифовски-Питу, вториот македонски Гоце Делчев и едно од најславните имиња на народноослободителната борба во Македонија, на 2 август 1940 година во Прилеп на одбележувањето на манифестацијата по повод Илинден. Таа завршила како демонстрација против тогашните власти на Кралството Југославија. Цитирајќи ги овие негови зборови, весникот „Нова Македонија“ во своите статии „Бранителот на македонските национални особености и организатор на антифашистичката борба“ од 24.2.2024 година и „Великанот што го трасираше патот кон македонската државност“ од 25.2.2023 година укажува на „поврзаноста на Питу со илинденската традиција“. Тогашната илинденска порака на Кузман Јосифовски-Питу во Прилеп има своја вонвременска димензија: прозвучува толку силно и сега во овој февруари 2024 како порака во име на македонскиот народ и до оваа сегашна власт! Питу како да го повикува македонскиот народ денес „сите да влеземе во строј“ и против оваа денешна власт“, бидејќи „треба да ѝ кажеме дека не ја одобруваме нејзината политика“!
Литовски: „Царборисовските бугарски џандари го застрелаа Питу, најважниот македонски херој и борецот на македонизмот!“
Цоњо Трпков, командирот на станицата на бугарската фашистичка и окупаторска полиција во Скопје, го убил Питу на денешен ден, на 25 февруари 1944 година, откако тој се обидел да ја пробие полициската блокада. Цоњо Трпков oд командата на бугарската армија во Скопје за убиството на македонскиот херој добил високо признание и соодветна награда. Денешното одбележување на 80-годишнината на смртта на овој великан на борбата на македонскиот народ за своја државност и слобода е пригода за ново навраќање кон неговите секогаш актуелни пораки и заложби.
„Царборисовските бугарски џандари го застрелаа Кузман Јосифоски–Питу, најважниот македонски херој и национален борец на македонската Националноослободителна револуција. Кузман беше рожба на вековните македонски страданија, океаните крв и народни понижувања, но и најцелосен претставник на македонскиот слободарски морал и менталитет, на вековната македонска националноослободителна борба. Тој се претвори во македонското знаме на слободата! Кузман е пулсот на една револуционерна македонска епоха, душата на еден народ со векови одрекуван, асимилиран и уништуван. Тој е борец на македонизмот!“ – вели д-р Александар Литовски, универзитетски професор од Институтот за национална историја од Скопје, во својата колумна со наслов „Кузман“, која ја има објавено весникот весникот „Слободен печат“ пред една година.
Кузман Јосифовски – Питу е роден на 23 јуни 1915 година во Прилеп. Тој е еден од најистакнатите организатори на оруженото востание и на македонската народноослободителна борба во Втората светска војна. Член е на ЦК на КПМ и е организатор на свикувањето на Првото заседание на АСНОМ. Се школува во Прилеп и Битола, а право студира на Белградскиот универзитет. Таму зазема видно место во студенското движење. Активно работел на формирањето на македонското студентско друштво “Вардар“. Бил член и на МАНАПО.
Питу бил многу длабоко свесен за континуитетот на борбата за национална слобода на македонскиот народ. Затоа на широките маси им се обраќа со следните зборови: … “Легендите, што ми ги раскажуваше баба ми Заха за Марко Крале, дедо Иљо војводата и Крушевската Република, за мене беа фантастичен партиски извор. Без тој македонски патриотизам прашање е дали јас можев да бидам комунист. И не само јас, туку скоро секој Македонец, кој станал комунист. Ние, Македонците сме напредни како македонски патриоти, оти сме гоцевисти, санданисти и ѓорчевисти..“
Од 1938 година станува член на КПЈ, а во 1939 секретар на МК Прилеп. Организирал повеќе демонстрации во Прилеп. Во 1941 година е член на Пленумот на ПК КПЈ за Македонија. Партиски дејствувал во Битола и Западна Македонија. Во март 1942 го формира Окружниот комитет за Западна Македонија и станува негов секретар. Во март 1943 е избран како член на првиот ЦК на КПМ и како член на Главниот штаб на НОВ и ПОМ.
„Преспанскиот договор“ од 2018 го погази придонесот на Преспанското советување од 1943 кон македонската државотворност
На 2 август 1943 на историското Преспанско советување, кое одиграло значајна улога во понатамошната национална борба на македонскиот народ, Кузман поднел реферат посветен на 40- годишнината од Илинденското востание. Меѓу другото тој посебно нагласил: „Денеска, кога македонскиот народ се наоѓа пред решителна борба за извојување на својата национална слобода, споменот на Илинден треба повеќе од секојпат да светли пред очите на целиот македонски народ, пред лицето на сите чесни и слободољубиви Македонци, сите кои ја сакаат својата земја… ”
Преспанското советување од 1943 година претставува исклучителен придонес во борбата на македонскиот народ за остварување на сопствената државност и за потврдување на сопствениот национално-јазичен македонски идентитет. Во целосна спротивставеност со ова Преспанско советување стои Преспанскиот договор од 17 јуни 2018 година меѓу Македонија и Грција.
Во овој контекст на спротивставеноста меѓу Преспанското советување од 1943 и „Преспанскиот договор“ од 2018 посочуваме на уште еден важен дел од споменатиот реферат на Кузман Јосифовски –Питу, како потсетување што фрли во вода „добрососедскиот договор“ со Грција: „Многу од своите најдобри синови загуби Македонија за време на славниот Илинден. Но тие жртви не станаа гробови. Нивните херојски подвизи засветија над Македонија, станаа ѕвезда-водилка на измачениот македонски народ. Тие го осветлуваа патот и во срцата на сите чесни Македонци и херои како вечен спомен. Од Илинден до денес многу знаени и незнаени херои загинаа во борбата за Македонија. Следејќи го славниот пат на своите дедовци и татковци, денеска многу млади Македонци, многу нови борци, најдоа херојска и маченичка смрт во борбата со денешните, последни поробувачи. Коските на сите овие жртви, развеани по сите полиња и градови на Македонија, сраснаа со македонската земја и се претворија во гранитен темел на утрешната слобода. А нивните бодри, смели зборови изречени пред смртта ја греат земјата, народот и сѐ дури постои… Слава на овие херои – маченици на Македонија“.
Питу: „Бугарија збора само за Македонија, нигде не се спомнува, или признава македонски народ… Македонци нема, како да не сме окупирани!“
Во статијата „Великанот што го трасираше патот кон македонската државност“ весникот „Нова Македонија“ го изначува Питу како „критичар на негирањето на македонските особености“ и пишува: „Кузман Јосифовски-Питу бескомпромисно ги бранеше македонските национални особености. Тоа е особено видливо во неговите критики до Бугарската комунистичка партија и Отечествениот фронт на Бугарија. Кон крајот на ноември 1943 година, Питу за материјалите од БКП во тој период направил остри забелешки како антинационални од македонска гледна точка, бидејќи во нив „Македонци нема, како да не сме окупирани“, па затоа решил тие материјали да не се дистрибуираат меѓу населението. Бурно реагирал на секое негирање на македонскиот национален идентитет што доаѓало од Бугарија.“
Во својата спомената колумна историчарот Литовски нагласува дека „Кузман мошне jаcнo и доследно ги критикуваше денационализаторските антимакедонски политики на српскиот, грчкиот и бугарскиот експанзионистички национализам“. „Тој со својот македонизам не им се допаѓаше на големосрпската и на големобугарската буржоазија. За разлика од Кузмана, многумина во тоа воено невреме се изјаснуваа ‘дека се Бугари, а не Македонци’. Се претвораа во бедни квислинзи и пред фашизоидните сеништа се бранеа дека никогаш не се сомневале во своето ‘бугарско потекло’ и оти немаат намера да ги преиспитуваат и да ги предизвикуваат големобугарските и фашистичките догми. Клекнати пред фашизоидното зло се правдаа дека се фашисти и Бугари и оти дека не знаат зошто воопшто има млади Македонци, кои се бунтуваат против ‘обединувањето со мајката-родина’.“ – укажува Литовски.
Во претходно наведената статија весникот „Нова Македонија“ нагласува: „Во почетокот на 1944 година македонското националноослободително движење jа добило ‘Декларацијата на Отечествениот фронт на Бугарија по македонското прашање“. Питу веднаш искажал негативни оцени за неа од аспект на македонската самобитност, националните интереси и државност. Споменатата декларација била сфатена како непризнавање на правото на самоопределување на македонскиот народ и за формирање сопствена национална држава. Затоа неговата прва забелешка му била: ‘Во целиот документ се збора само за Македонија, нигде не се спомнува, или признава македонски народ, ами само население.“
Кузман Јосифовски – Питу покажал вонредни активности во подготовките за одржување на Првото заседание на АСНОМ, но и како автор на неговите државотворни документи. Како што се изнесува во Зборникот „Кузман Јосифовски-Питу, Време-живот-дело (1915-1944“), издаден од Институтот за национална историја, постоела телеграма на Светозар Вукмановиќ–Темпо до Тито, во која тој барал Питу по секоја цена да се тргне од АСНОМ. Тоа барање на Темпо било засилено особено по Преспанското советување, кога Кузман Јосифоски се залагал за формирање македонски партизански одреди во останатите делови на етничка Македонија и нивна заедничка борба со Македонците од Вардарска Македонија, заради целосно ослободување и обединување на Македонија како самостојна држава на македонскиот народ.
На 2 август 1945 година посмртно бил прогласен за народен херој на Југославија. Во својата колумна „Кузман“ д-р Литовски заклучува: „Кузман се претвори во македонското знаме на слободата! Во македонска вистина! Во херој и маченик, борец и јунак на Македонија! Тој е пулсот на една револуционерна македонска епоха, душата на еден народ со векови одрекуван, асимилиран и уништуван. Тој е едновремено и пророк, и борец на македонизмот! Затоа, денес на датумот од погибијата на овој голем Човек и најголем Македонец, сетете се на него, на неговото дело, на неговата судбина, на неговата смрт. Македонија и Македонците, ако сакаат да бидат Македонци, никако не смеат да им дозволат на врховистите и на бугарските платени агенти да извршат damnatio memoriae (забрана на паметење, на сеќавање) на личноста и делото на Кузман Јосифоски–Питу.“





