Крик на Героски: Не го оставајте Заев сам!

“Зошто премиерот Заев сам, без ничија поддршка, мора да го носи тешкото бреме на изнаоѓање решение за спорот со Грција. Треба ли да „загине“ како неразбран херој со оспорен патриотизам? Како тоа ниту еден негов соработник, дали во партијата, од ПР тимот или меѓу„ шарените“ револуционери не наоѓа за сходно да излезе со сопствен став во врска со ова исклучително тешко прашање од кое зависи иднината на Македонија”‘ прашува Бранко Героски, главниот уредник на Слободен печат и Плусинфо.



Веројатно најгласниот поддржувач на идејата дека Македонија мора по секоја цена да направи компромис со Грција, гласно прашува како тоа луѓето од најблиското опкружување на премиерот не мрдаат ниту со малиот прст за да му дадат поддршка во оваа критична фаза кога во воздухот речиси лебди чувството оти македонската страна ќе се согласи со промена на името во замена за грчка дозвола за влез во НАТО и почеток на преговорите со ЕУ.

“Кога Заев реши (сосема исправно!) овој спор да го затвори со компромис, јас очекував неговите најверни поддржувачи, по природата на нештата, веднаш да излезат и со опонентите и со скептиците на јавната сцена да се бијат со аргументи (а аргументи има цел куп!), со политички и историски анализи и со еден артикулиран наратив што ќе ја одбрани историски важната намера на премиерот”‘ пишува Героски.

Зачуден од молкот, Героски објаснува дека не очекува од поддржувачите на Заев „глупандерски изјави од типот „името не се мачка на леб“ или повици „да живее Зоран Заев“ туку сериозни јавни настапи, со импакт врз јавното мислење.

-Ама, гледам, засега ништо од сето тоа. Што е работава? Каков ли е планот? Заев треба сам да ја истурка работата? Треба да загине како неразбран херој, згора и со оспорен патриотизам? Никој друг не сака да проба како е да се биде „предавник“ и „грчки платеник“? Никој друг не сака да сфати дека вистината секогаш на почетокот се конституира како малцинско мислење? Не е ли ова некако малку срамно и ептен нефер, дами и господа другари? До кога ќе чекате и Заев, како и Глигоров на времето, да викне и да се се провикне – луѓе, не ме оставајте сам! – прашува Героски.