Кривична пријава за тешки дела за дури 10 полицајци

Дури десет полициски службеници од Кочани и Штип добија кривични пријави за непостапување според мерките и прописите за заштита и не извршување целосна проверка пред издавањето на лиценца за работа на кабарето „Пулс“ во Кочани, каде пред еден месец во трагичен пожар животите ги изгубија 61 лице. Се работи за полициски инспектори, началници икомандири кои од 2012 до 2022 потпишувале одобренија за  дискотеката да добие лиценца од министерството за економија.



Како што информираа од Министерството за внатрешни работи, пријавените до Министерството за економија тврделе дека објектот поседува елаборати за заштита од пожар и нема пречки за јавниот ред и мир и сообраќај.

  • Службените лица овозможиле правното лице ДПТТУ „Класик ДМ“ ДООЕЛ Кочани да се стекне со лиценца за вршење на угостителска дејност – кабаре „Пулс“ во Кочани на начин што не постапиле според прописите за мерките за заштита и не извршиле целосна проверка пред да биде издадена позитивната согласност за издавање на лиценца за кабаре, со што предизвикале опасност за животот и телото на луѓето на место каде што се собираат поголем број луѓе, велат од МВР.

Од МВР додаваат дека сите осомничени со различни активности помогнале дискотеката да се стекне со лиценца без да ги исполнува потребните услови. Од 7-мината новоосмничени само еден е актуелен полициски службеник останатите се во пензија. Петмина од уапсените биле началници во штипската, а двајца во кочанската полиција. Според информациите актуелниот началник не се сомничи конкретно за пожарот туку за постапка од пред неколку години.

Од Основното јавно обвинителство, пак, велат дека ја прошириле истрагата за пожарот во Кочани. Оттаму, побарале мерки за претпазливост за седум од десетте осомничени, бидејќи тројца веќе се во притвор а по едно лице се уште се трага.

  • Постои основано сомнение дека осомничените во временскиот период од 07 декември 2012 година до 21 јануари 2022 година, како соизвршители, сториле кривично дело Тешки дела против општата сигурност, велат од ОЈО.

Колку за потсетување, до сега, за трагедијата во Кочани осомничени се 59 лица и три фирми, меѓу нив 4 поранешни министри за економија, директори на ДЗС, Инспекцијата, општински инспектори, градоначалници и високи функционери на локалната полиција.