Регулирањето на Интернет и на социјалните мрежи е одамна почнато и малку наивно делуваат најавите дека одредени држави допрва ќе бараат Фејсбук, Јутјуб, Твитер да почнат да си го расчиствуваат „хејтерскиот смет“ во својот двор.
За почеток само две прашања, прво: Зошто сајтовите со експлицитна порнографска содржина (фотографии, стории, видео, online-privew) се „заштитени’ барем и навидум со две три прашања и барања во стилот „дали сте +18“, пол, и мејл адреса…со што . барем, демонстрираат дека понатамошното „пенетрирање“ во можностите што се нудат е еднакво во влегување на забранетата „зона на самракот“ за пуританското општество и загрижените законодавци.
Но, како второ, зошто содржините во кои на „најпорнографски“ начин политичари искажуваат експлицитен говор на омраза кон одредени категории луѓе (Саркози –Цигани, Трамп кој ќе гради ѕид кон Мексиканци, Орбан против мигранти, Герт Вилдерс против муслимани, Шарли Ебдо – карикатури за удавено курдско дете кое не стигна до Европа ) се третираат како – легални информации кои можат да се шеруваат до бескрај од оние една милијарда корисници, на пример, на Фејсбук.
Идејата на Бил Гејтс и на „Ејпл“: комјутер во секој дом пред триесетина и кусур години – што беше илузорно за некои „умови“ кои сметаа дека 40-комјутери се доволни за целата планета – стана реалност, а Интернетот ја доби улогата на “информативен автопат“ преку кој секој поединец, кај и да е на Планетава веднаш да добие информација: Неиспеглана, неиспрана, не прочистена од агитпроп-агентите кои ги имаше и на Запад исто како и на Исток во едно минато свршено време на блоковска поделеност на светот.
Но, намерите на некои центри на моќ, денес, да се вмешаат во начинот на функционирањето на социјалните мрежи го наметнуваат прашањето: Дали тие се грижат за „не-валкањето“ на општеството или се обидуваат да го наметнат „Орвел од нивниот сокак“ на глобално ниво.
Џорџ Орвел, и неговиот дистопијски роман од 1948 „1984“ стана синоним на некое идно општествово кое луѓето ќе живеат под камери, следени 24 часа, а информациите ќе ги добиваат преку социјална мрежа во која вестите се фингираат по потреба на „Големиот брат“.
И с’е, во име на чување на хармонијата на општеството од говор на омраза и слично… Што наводно, стартува од почетокот на оваа година во една ЕУ членка и која предвидува и до 50 милиони евра казна за социјалните мрежи кои ќе пропуштаат “хејт-спич“.
И сега, дали забраната на интернет во некои земји, во кои преку социјалните мрежи се искажува несогласување со власта и се анимираат антивладини собири за одредено прашање, е цензура, бидејќи тие се окфалификувани како режим..
И дали забраната на интернет во некои земји, во кои преку социјалните мрежи се искажува несогласување со власта и се анимираат антивладини собири за одредено прашање, е демократија, зашто тие се самокфалификуваат како демократски…





