Кој од Владата признал дека најверојатно сè е попусто во спорот со Грција?

Висок македонски претставник за европската телевизиска мрежа Евроњуз признал дека сите чекори што Македонија е подготвена да ги направи во обид да најде решение за името со Грција најверојатно нема да бидат доволни за затворање на спорот со јужниот сосед.



Евроњуз цитира висок македонски владин претставник кој приватно признава дека дури и растурањето на споменикот на Александар Велики, поместувањето на другите споменици, менувањето на имињата на аеродромот и на улици, како и повлекувањето на учебниците, најверојатно нема да го решат проблемот со Грција.

Европската телевизија во опширниот извештај за Македонија го цитира и премиерот Зоран Заев, кој вели дека е подготвен да се однесува поинаку од својот претходник Никола Груевски.

„Македонија нема ексклузивно право на наследството на Александар Велики. Историјата не ни припаѓа само нам, туку исто така и на Грција, како и на многу други земји“, е изјавата на премиерот што ја цитира Евроњуз.

Оваа позиција, според неименуваниот македонски висок претставник, најверојатно нема да биде доволна за надминување на 25-годишниот спор со Грција околу името на земјата.