Првиот круг на претседателските избори во Северна Македонија донесе неочекувана разлика од над 182 илјади гласови меѓу прворангираната кандидатка за претседател поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљаноска Давкова и актуелниот претседател поддржан од СДСМ, Стево Пендаровски, кој е во трка за втор мандат. Колку што се неочекувани лошите резултати за СДСМ и Пендаровски кој освои од 200 илјади гласови (180.306), толку е неочекувана и убедливата победа на професорката Сиљановска, која според податоците на ДИК ја освои довербата на 362.682 граѓани, објави Дојче Веле.
Претседателот на Институт за демократија, Марко Трошановски за ДВ анализира дека по првиот круг на претседателските избори на површина испливаа неколкумина губитници и победници. Чудо во вториот круг, според него, е тешко да се очекува.
Кои се победници?

Најголемата победа во вториот круг оди на адреса на професорката Гордана Сиљановска Давкова која со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ се обидува да стигне до престижната функција на Водно. Двојното водство пред Пендаровски и победата во дури 60 општини и дава ветер во грб пред „двобојот“ на 8 мај, кога ќе се одржи вториот круг на претседателските избори.
„Јас се уште не сум свесна што се случува“, рече Сиљановска откако во средата (24.04) стана извесно дека таа исплива прва на листата. „Немам зборови со кои можам да ја изразам благодарноста, дури се срамам зарем е можно толку луѓе вака да реагираат. Не мислам дека сум посебна од многу работи, само знам дека она што ќе го ветам ќе го остварам на мој начин. Жените беа моја инспирација и јас нивна“, порача таа по завршувањето на изборниот ден и пребројувањето на гласовите.
Ова е втор обид на Сиљановска и Пендаровски да ги одмерат силите пред гласачкото тело. На претседателските избори во 2019 година, Пендаровски во првиот круг водеше со 322.581 гласови, наспроти Сиљановска која ја доби поддршката од 318.341 граѓани.

Меѓу победниците на првиот круг на претседателските избори, според Трошановски можат да се вбројат уште неколку политичари и партии. ДУИ, и покрај тоа што е долго на власт и зад себе има бројни „опашки“ и афери, со претседателскиот кандидат Бујар Османи покажа дека и понатаму го држи приматот на средините со албанско население. Претседателскиот кандидат на „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ, Бујар Османи, има предност во 16 општини во земјава во однос на Арбен Таравари, кандидат на коалицијата „Вреди“ на опозициските партии на Албанците.
Партијата веќе прослави на плоштадот „Скендербег“ во Скопје. Оценија дека станува збор за спектакуларна победа, која е увертира во парламентарните избори. „Славиме дека ќе победиме со над 20 пратеници на 8 мај, на претседателските и парламентарните избори. Ќе славиме ослободување на Чаир, на Тетово, на Гостивар, на Желино и на сите други окупирани општини со помош на ВМРО-ДПМНЕ, Левица, Додик, Путин и Вучиќ. Денеска е ден на ослободување, како што ќе биде и 8 мај, ден пред Денот на Европа“, рече Груби, откако беше објавено дека нивниот кандидат за претседател Бујар Османи е на третото место, со освоени 120.903 гласови. Повеќе на ДВ.ком.мк.





