Скоро две третини од апсењата поврзани со исламистичката милитантна група ИСИС во Европа во изминатите девет месеци биле тинејџери, дознава Си-Ен-Ен.
Расте загриженоста меѓу европските безбедносни службеници пред почетокот на Олимпијадата во Париз поради зголемената моќ на Исламската држава на Запад и нејзиниот огранок ИСИС-К, Исламската држава во Хорасан, активна филијала на ИСИС со потекло од Централна Азија.
Студија за 27 напади поврзани со ИСИС од октомври, покажа дека од 58 осомничени, 38 биле на возраст меѓу 13 и 19 години.
Последните податоци на Европол покажуваат дека „бројот на напади и планирани напади е зголемен за повеќе од четири пати“ од 2022 година.
Групата има огромно присуство во Турција во текот на изминатите три години, според судските документи и аналитичарите. Според турската разузнавачка агенција МИТ, само во 2023 година во 122 операции биле уапсени 426 осомничени за ИСИС-К.
Групите како ИСИС-К конкретно ги таргетираат младите тинејџери“, вели Питер Нојман од студиите за безбедност во Лондон. „Можеби тие не се многу корисни, но тие се најмалку сомнителни. Кој би сметал дека 13 годишник е терорист. А, доволно е еден…“, објаснува Нојман.
Нојман додаде дека тинејџерите се регрутираат преку платформи за социјални мрежи, како што е ТикТок, преку алгоритми каде џихадистичките регрутери можат да ги придобијат.
„ИСИС-К сега е далеку најамбициозниот и најагресивниот дел на ИСИС“, рече тој, додавајќи дека тоа значи дека групата може да планира поголеми, посложени напади со повеќе терористи.






