„Чудо од дете на Пирин“. Така бугарските медиуми ја опишаа Василија Петрова во 2020 година, кога блесна на фестивалот „Пирин фолк“ во Сандански, каде што со песната „Дете на Пирин“ освои пет награди, настапувајќи во носија од Егејска Македонија стара 200 години, која ја зела од музејот во родниот Ќустендил.



Пет години подоцна истите тие медиуми немаат пофални зборови за денес 21-годишната пејачка зошто во меѓувреме се изјаснила за Македонка, а името на социјалните мрежи си го пишува со „ј“ според „македонската литературна норма“, како што го дефинираат македонскиот јазик. За грев ѝ го припишуваат и пеењето македонски патриотски песни, како „Заветна“ од Пепи Бафтировски, и „Со Господ напред“ од Војо Стојановски, и тоа обвиткана со националното знаме на Македонците со Сонцето од Кутлеш.

„Пропадната бугарска пејачка стана Северномакедонка, жнее успеси во Скопје!“, кажува сè насловот на „Телеграф.бг“, кој во поднасловот (се) дополнува: „Василија ги обвини Бугарите за кражба на музика од нашата западна сосетка“.

„Неофицијално, се вели дека 21-годишната девојка од Ќустендил живее во Скопје со Северномакедонец, близок на Мицкоски, кој ја поттикнал да се откаже од бугарскиот род. Како што може да се види од нејзиниот Фејсбук профил, изведувачката сè повеќе време поминува кај нашиот западен сосед. Покрај на концертите кај комшиите, Василија се појавува и во разни подкасти, каде што тврди дека е ‘Македонка’ која е ‘репресирана од Бугарите’ и оти ‘Бугарите крадат македонски песни’. Сепак, нејзините лудории со задоволство се прифатени од Северномакедонците и младата пејачка брзо стана популарна и трупа многу обожаватели во Повардарието“, пишува вебстраницата, употребувајќи непостоечко и крајно навредливо именување на Македонците со географска одредница.

Главната причина за вртењето лист од Петрова, според бугарските медиуми, е отпаѓањето од музичкото талент-шоу „Гласот на Бугарија 2021“ по двобојот со Петја Пенева, по што „многу разочарана, очигледно решила да работи за македонистите“.

Василија има дипломирано на Професионалната гимназија за економија и менаџмент „Јордан Захариев“ во Ќустендил.