Министерот за надворешни работи на Грција најавува „исклучително добар предлог“ за името на Македонија и очекува да го поддржат мнозинството пратеници во грчкиот Парламент што се сметаат за „патриоти и национално одговорни“.
„Јас сум сигурен дека ќе има мнозинство во Парламентот и разбирам дека некои се вознемирени од тоа што реков дека под мнозинство подразбирам пратеници, а не партии. Во Парламентот одлуките не се донесуваат со мнозинство партии, бидејќи немаме застарена демократија, каде што има седум партии, а најмалку четири мора да се согласат. Во република одлучуваат мнозинството пратеници и мислам дека ќе има. Да претпоставиме дека нема да има такво мнозинство. Нема да има одлука. И што би направиле со тоа? На 25. години, колку што го оставивме проблемот нерешен, ќе додадеме уште две. Ние никогаш нема да покажеме таква неодговорност. Прашањето ќе дојде во Парламентот. Предлогот ќе биде исклучително добар и ќе има и мнозинство пратеници што сметаат дека се патриоти и национално одговорни“, изјави Коѕијас во интервју за грчкото радио Реал ФМ 97.8.
„Нашата влада е решена да помогне во решавањето на овој проблем, бидејќи, како што постојано истакнувам, историјата мора да биде наше големо училиште и наследство, никако наш затвор. Ние не бараме да ни го реши трета страна на домашната политичка сцена, тоа е глупост, бидејќи партијата која го создаде овој проблем, која не можеше 25 години да го реши заедно со другиот партнер во системот со две партии и изгледа дека не е способна да даде ниту елементарен одговор како опозиција, се разбира дека не може да го реши. Таа беше осудена како влада, тестирана како опозиција. Луѓето не“, објаснува тој.
Во однос на условите што мора да ги исполни северниот сосед за постигнување договор, Коѕијас вели:
„Две работи треба да ви кажам: соседот мора да отстрани ‘тони’ работи поврзани со иредентизам, како што нашата земја покажа и инсистира на тоа дека сакаме дапостои оваа држава и немаме намера ниту да ја делиме, ниту да ја уништиме. Тоа е враќање на довербата. Во контекст на мерките за градење доверба, кога ги предложивме пред 2,5 години тие беа голема грижа за многу наши пријатели во Скопје и за некои меѓународни организации, а требаше да бидат многу корисни за луѓето. Се подготвуваме за голем чекор во градењето на довербата со отворањето на граничните премини меѓу Грција и соседната земја во северниот дел на Преспанско Езеро во функција на економскиот развој. Европска унија вети дека ќе помогне со големи средства во обликувањето на потребната логистичка инфраструктура за развој и надградба на регионот“.
Шефот на грчката дипломатија потврдува дека имаат црвени линии, но одбива да ги идентификува.
„Нема преговори без црвени линии. Многу личности и партии бараат дури и пред преговорите да се каже јавно кои се црвените линии со кои одиме на преговори, кои се целите. Мислам дека е неразумно преговарачкиот тим од грчка страна дури и пред процесот на преговори да ги испорача сите тактики и стратегијата за преговори. Такви грешки нема да направиме, бидејќи јас и нашата влада водиме надворешна политика со гледање на потребите на земјата, за обезбедување подобра иднина за земјата, за мирот и стабилноста. Решението, секако, е компромис, но не сакам да кажам ‘расипан компромис’, туку креативен. На надворешната политика не треба да се гледа низ призма на внатрешната политика на земјата и на ситните интереси што постојат кај некои опозициски партии“, изјави тој.
Во однос на можноста за свикување на партиските лидери кога ќе се донесува одлуката, Коѕијас упатува на претседателот Прокопис Павлопулос во консултација со премиерот Алексис Ципрас.





