Коѕијас: Грчката позиција во преговорите за името е смела и сериозна

Грчкиот весник „Катимерини“ дознава дека министерот за надворешни работи Никос Коѕијас на вчерашниот состанок на владиниот кабинет рекол дека позицијата на Грција во преговорите со Македонија за името е „смела и сериозна“.



Ставот на Грција ќе биде ист како оној што го застапуваше Владата во разговорите во 2007 и 2008 година, имено, во корист на сложено име со географска одредница, дознава „Катимерини“.

Според извори на весникот, во својот говор пред другите членови на кабинетот Коѕијас истакнал дека левичарската влада „ги наследи“ проблемите од претходната администрација, истакнувајќи дека надворешната политика во минатото повеќе била реактивна отколку проактивна.

„Претходната логика беше во стилот ‘Не преземам иницијативи, а, сепак, очекувам дека во одреден момент ќе добијам сè што сакам’“, изјавил Коѕијас на состанокот во кабинетот, додавајќи дека сегашната влада е смела, сериозна и посветена на решавање на проблемот.

Првичните резерви изразени од страна на водачот на помалиот коалициски партнер Панос Каменос, кој исто е министер за одбрана, се чини дека во голема мера се надминати, пишува „Катимерини“.

Македонија и Грција ќе ги продолжат разговорите за разликите околу името следната седмица во Њујорк со посредство на специјалниот претставник на Обединети нации, Метју Нимиц.