Кошаркарот Дивац им помага на бегалците во Србија и во Македонија

Фондацијата „Ана и Владе Дивац“ ги претстави приказните од теренот на бегалците што минуваат низ Србија и Македонија на првата годишнина од двегодишниот проект „Помош на патот“, во кој соработуваат 20 граѓански организации од двете земји.



Проектот што почна да се реализира на 1 декември 2016 година, а фондацијата на познатиот кошаркар и на неговата сопруга е вклучена во помошта уште од почетокот на мигрантската криза во 2015 година, има цел да придонесе за промоција и за заштита на човековите права на мигрантите и на барателите на азил што поминуваат низ Србија и Македонија.

Во Србија во моментов има околу 4.300 бегалци, а нивни деца од септември годинава тргнаа на училиште во соседната земја заедно со локалните врсници.

Поранешниот НБА-играч Дивац веќе 20 години е вклучен во хуманитарни активности, а во 2008 година беше именуван и за советник на Владата на Србија за хуманитарни прашања.