Македонската машка кошаркарска селекција денеска замина за малото северно словачко градче Попрад каде утре попладне ќе го има првиот меч од претквалификациите за Европското првенство. Селекторот Јорданчо Давитков го доби Хендрикс, го загуби Костовски, а по кусите дводневни скопски подготовки се откажа од Мекиќ и Маслинко за средбата со Словачка од која летоска губевме во пријателски средби. Ова е официјален дуел, прв од овој нов циклус кој за нас е од витално значење.
„Да се обидеме да започнеме од почеток, да ги анулираме сите грешки од последниот период“ рече капитенот и убедливо најдокажаниот кошаркар во нашиот состав, Војдан Стојановски.
Средбата Словачка-Македонија е утре од 18 часот, по што кошаркарските претквалификации за Европскиот шампионат во 2021 година ќе ги продолжиме против третиот член на нашата група, Швајцарија, и тоа со меч в недела во Скопје.




