Македонскиот машки национален кошаркарски тим дома славеше со Швајцарија со 83-68 со што дојде до посакуваните две победи во првиот термин за одигрување на средбите од претквалификациите за Европското првенство во 2021 година. Во салата Јане Сандански во Скопје се мачевме до полувремето кога по серија пресврти водевме само со 38-36, по што мечот го решивме со 28-15 во третиот период. Во последниот дел ние ја сочувавме стекнатата предност, а гостите немаа сила за создавање проблеми.



„Покажавме дека можеме и полека се враќаме кај што треба. Скоро сме пласирани во квалификациите за ЕП. Да го имавме овој тим во август ќе игравме во квалификации за друго натпреварување. Благодарност до Хендрикс кој дојде и помогна и ја подигна играта на повисоко ниво“ рече селекторот Јорданчо Давитков веднаш по средбата.

Најдобар поединец кај нас одново беше Ричард Хендрикс кој даде 14 поени со осум скока, а следни на листата стрелци беа Стојан Ѓуроски и Бобан Стајиќ кои постигнаа по 11, и Дамјан Стојановски со 10 поени.

По триумфот кај Словачка пред три дена сега имаме 4 бода, а конкурентите по 1 од по една средба. Следниот меч за нас е со Словачка дома во февруари кога можеме да го обезбедиме првото место во групата А од овие квалифиакции, место кое води во квалификациите иако постои можност тоа да го сториме и како второпласирани.