„Македонската академија на науки и уметности е врвна самостојна научна и уметничка установа во Република Македонија и таа треба отворено да проговори за предизвиците, со кои се соочуваат државата и нејзините граѓани. МАНУ треба да биде знаменосец на научната вистина, поддржувач на владеењето на правото и критичар на политичките пазарења, штетни за македонските национални интереси. Придавките ‘врвна’ и ‘самостојна’ во описот на МАНУ нè обврзуваат нас, академиците да придонесеме за иднината на Македонија.“ – нагласува академик Љупчо Коцарев во својата колумна со наслов „Континуитетот на МАНУ“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Осврт кон излагањето на академик Живко Попов, претседателот на Македонската академија на науките и уметностите
Во својата колумна, покрај другото, Коцарев пишува: Извонредното обраќање на академик Живко Попов, претседателот на МАНУ, на годишното собрание не доби забележителна медиумска застапеност и гласност. Во неговото излагање ова е делот, што ми оствари најсилен впечаток: „Целосно свесен дека неговото место му е во европската заедница на народите, македонскиот народ … се гордее со делото на сесловенските просветители Кирил и Методиј, прогласени како патрони на Европа. Евроскептицизмот, што се јавува во последно време, е последица на пречките, кои ЕУ неправедно ни ги постави на нашиот европски пат, а кои најмногу се однесуваат на меѓународно преземените обврски што произлегоа од потпишувањето на Договорот од Преспа и на оној за добрососедство со Бугарија. Двата договора поминаа без вистински референдум, иако по значење претставуваа референдумски прашања, чиишто последици се евидентни и сѐ уште не им се гледа крајот. За нив земјата направи болни компромиси, но и покрај тоа изостана отворањето на процесот на преговори со ЕУ. Само преку рамноправен дијалог и соработка со соседите и со ЕУ може да се дојде до разумни решенија за создадените проблеми, зачувувајќи ги притоа и културното и историското наследство, кои му припаѓаат на македонскиот народ како европска вредност“.
Ќе се осврнам и на советодавната функција на МАНУ како една од темите во излагањето на Живко Попов. Тој кажа: „Советодавната функција на Академијата има исклучителна важност и тесно е поврзана со нејзиното постоење… Во однос на важни, клучни теми и прашања, кои се однесуваат на развојот на целото општество, МАНУ не смее да молчи, особено ако има знаење, капацитет и можности да советува, да дава стратегиски насоки и да ги предвидува работите.“
Тука би сакал да проговорам за предизвиците, со кои се соочува Академијата во остварувањето на својата советодавна функција. Многубројни примери од минатото, но и од сегашноста, покажуваат дека Македонската академија на науки и уметности Академијата била, е и ќе биде искористена од владејачките моќници. Настани од посебен стратегиски интерес за Македонија, кои се организирани под покровителство на МАНУ. или на нејзините истражувачки центри, особено во присуство на владејачките моќници, на кои критички се изнесуваат ставовите на членовите на МАНУ по одредени прашања (реформи, закони, документи), власта ги претставува во јавноста како поддршка од Академијата: зборот „критички“ исчезнува, па ставовите се толкуваат исклучиво како поддршка.
Токму поради таквиот пристап на власта, во јавноста тие се сфаќаат како сервилност на МАНУ кон власта, иако, и едното и другото не е вистина. Во минатото МАНУ често беше изманипулирана институција, а нејзината основна советодавна улога за изнесување критички ставови, како борец за вистината и правдата и како поддржувач на владеењето на правото, се распрснуваше како меур од сапуница.
МАНУ ќе оствари вистинска советодавна функција, што ќе овозможи корист и благосостојба на нејзините граѓани, а не само на владејачките елити, само: (1) ако им се одземат надлежностите на владите да изготвуваат стратегии и/или реформи; (2) ако стратегиите и/или реформите ги подготвуваат во содејство МАНУ, универзитетите и стопанските комори; и (3) ако владите бидат обврзани да ги спроведат стратегиите и/или реформите. Инаку сите стратегии/реформи ќе завршат под тепих: владите немаат цел да се стремат кон економски раст и благосостојба на граѓаните на Македонија, туку секогаш се стремат кон зголемување на салдото на банкарските сметки на мал број „среќници“.
Во својата трета тема академик Попов, во своето излагање се заложи, покрај другото, и за издавање на Македонската енциклопедија. Поддржувајќи ги неговите заложби, би сакал да проговорам за Македонската енциклопедија – тема за која зборував повеќепати во минатите неколку години. Енциклопедиите, книгите, не се палат, не се забрануваат и не се повлекуваат од јавноста, тие не се забрануваат за користење, а оние, што ги користат, не се прогонуваат и не се казнуваат.
Финансиската самостојност на МАНУ веќе низа години и во континуитет е целосно нарушена. Посебно треба да се финансираат националните центри: Центарот за ареална лингвистика „Божидар Видоески“ и Центарот за културно наследство „Цветан Грозданов“. Тие се стожери во изучувањето на македонскиот јазик и на неговите дијалекти, македонскиот идентитет и културното наследство. Затоа, нивното државно финансирање е предуслов за видливоста на македонската посебност надвор од Македонија.






