Коцарев: Геноцидните Преспански и Бугарски договор да се раскинат, а државата да ги отфрли додавките пред името „Македонци“!

„Договорите со Грција и со Бугарија се две страни од една иста паричка и тие здружно и во содејство водат до исчезнување на Македонците, праќајќи невистинита порака дека Македонците се народ без корен, кои постојат од 1945 година, само во границите на денешна Република Македонија. Македонската влада со прифаќање на Преговарачката рамка со ЕУ, иако свесна за бруталниот и ирационален преговарачки процес, со нож ја прободе Македонија. Меѓутоа, ние, Македонците, сме народ со милениумска култура и историја, а Македонија претставува колепка на словенската писменост и култура. Токму таа писменост и култура го претставуваат идентитетскиот столб на македонскиот народ.“ – вели академик Љупчо Коцарев, член на Македонската академија на науки и уметности, во својата колумна со наслов „Ако не сега, тогаш кога?“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.



Покрај другото, натаму Коцарев пишува: Оној што се обидува да го разниша, оној што го погазува просторно-временскиот континуум на македонскиот јазик и кој ја ништи македонската култура, што ги продава за ситни, лични интереси, прави злосторство од немерливи размери – идентитетски геноцид. Така, којзнае по кој пат се повторува егзодусот над Македонците, меѓутоа, овој пат – идентитетски и во границите на единствената нивна татковина. Прободената Македонија е на смртна постела. Нам ни требаат мудрост и решителност да оживееме, да воскреснеме од пепелта, да се исправиме на нозе, нам ни се потребни шест вистински чекори за понатаму: развој, отчетност, одговорност, неменливост, неприфатливост и незаборав.

(1) Одговорност – Македонија конечно треба да го сврти погледот навнатре и да се види себеси. Како стигнавме овде? Дали ќе побараме одговорност од властодршците, чии постапки доведоа до сегашнава безизлезна состојба? Тргнувајќи од „Конвенцијата за спречување и казнување на кривичното дело геноцид“ (1948 година), во која се наведуваат пет „дејства извршени со намера да се уништи, целосно или делумно, национална, етничка, расна или религиозна група како таква“, повикувајќи се на второто дејство „предизвикување сериозни телесни или ментални повреди на членовите на групата“ и земајќи предвид дека договорите со Грција и со Бугарија и Преговарачката рамка со ЕУ насилно ги ревидираат македонскиот идентитет, македонскиот јазик и македонската историја, притоа нанесувајќи ментални повреди, излишно е прашањето дали во Македонија е извршен геноцид, културен, идентитетски, или само геноцид. Ние ја знаеме вистината за извршениот геноцид.

Ако бил извршен геноцид, дали тие што се одговорни за геноцидот не се злосторници? А ако има злосторници, тогаш која е нашата должност?

(2) Неменливост – институциите на Република Македонија да донесат документ, „Декларација за заштита на националните и политичките права и заедничката иднина на македонскиот народ“, со кој ќе се утврди дека името на македонскиот народ е единствено и неменливо и оти  се отфрлаат сите наметнати префикси што се додаваат пред именката „Македонци“. Припадниците на македонскиот народ имаат право да се нарекуваат Македонци, без разлика каде живеат: во Грција, во Бугарија, во Албанија и во целиот светот.

Според документот, институциите на Република Македонија треба да дејствуваат обединето и координирано, да вложат напори да ја запрат асимилацијата на Македонците во државите од регионот, но и во целиот свет. Република Македонија треба да одржува односи со припадниците на македонскиот народ преку развивање лични, културни, научни, спортски и други видови врски и односи.

(3) Неприфатливост – неприфаќање на сите договори, со кои се негираат македонскиот идентитет, јазик и култура. Тоа подразбира моментно раскинување на Договорот со Бугарија и започнување, во подолг временски период, аргументирано да се говори за неправедните, понижувачки, нелогични, бесмислени членови и ставови на договорот со Грција, со цел и тој договор да се раскине во скорешно време.

(4) Незаборав – Владата на Македонија да започне изградба на меморијален споменик и во 2028 година да организира настан „80 години од прогонот на Македонците од егејскиот дел на Македонија“. Треба на новоизградениот споменик за незаборав да се врежат (во моментов повеќе од 20.000) имињата на децата прогонети од своите домови во егејскиот дел на Македонија, заедно со македонските топоними на нивните родни места. Да не дозволиме Македонија да се распадне заедно со политичките елити, што паднаа!

Во пресрет на триесет и првиот роденден на независна Македонија, во 2022 година, Македонија беше прободена во нејзиното срце – во македонството со месарски нож – со Преговарачката рамка со ЕУ, за што исклучиво се криви македонските политичари. Македонија ќе се крене повторно, нема да се распадне заедно со другите, само ако ги раскине договорите со Грција и со Бугарија.

Време е за мудри и решителни чекори! Време е да се ослободиме од ЕУ-заразата на чекање! Ако не сега, тогаш кога? Ако не развој, отчетност, одговорност, неменливост, неприфатливост и незаборав, тогаш што?

Целата колумна тука