Костопулос: Храна за национализмот е одлуката на грчкиот суд во Кожани дека „македонскиот јазик не се говорел никогаш во Грција“

„Демократските капацитети на една држава се огледуваат и преку нејзините постапки околу грижата за малцинските заедници. Грција во праксата е далеку назад во поглед на демократските слободи, без оглед што себеси се означува како лулка на демократијата. Грчкиот историчар Тасос Костопулос во својата неодамнешна колумна објавена во весникот ‘Ефсин’ (Efsyn) ја оцени пресудата на Апелацискиот суд во Кожани против регистрацијата на Центарот за македонски јазик во Грција како назадување на демократските слободи и прифаќање на теориите за историскиот притисок на домашната крајна десница.“ – се истакнува во статијата со наслов „Грција бележи сериозно назадување на полето на демократските слободи: Грчкиот суд го нахрани кучето на национализмот“, која е објавена во весникот „Нова Македонија“. Инаку, Тасос Костопулос е доктор на науки по социјална антропологија и историја, како и долгогодишен новинар-експерт за македонското прашање во Грција.



Грчкиот историчар Тасос Костопулос за пресудата на Апелацискиот суд во Кожани против регистрацијата на Центарот за македонски јазик во Грција

Натаму, во статијата пишува: Коментирајќи ја пресудата, Костопулос пишува дека судот, принуден да ја почитува „преспанската пита, со логичен скок го нахрани кучето на национализмот, тврдејќи дека македонскиот јазик (т.е. официјалниот јазик на државата * Македонија) никогаш не се зборувал на грчка територија, за да може да се зборува за неговото зачувување“.

„Мајчиниот јазик на Македонците што зборуваат словенски не е баш јазик, туку природно инфериорен хибрид.“ – пишува во пресудата. Според судиите од грчкиот Апелациски суд во Кожани, македонскиот јазик е „говорен идиом што на крајот завршува како креолски јазик на хетерогени популации“. „Овој идиом никогаш не добил писмо и затоа нема проза, нема поезија и книжевност, а наместо тоа има песни, чија продукција престанала веќе на почетокот на 20 век. Овој идиом што се зборува во одредени краишта на Македонија, историски е надраснат и ја изгубил својата корисност и со тоа има тенденција да исчезне во текот на следните една или две генерации.“ – тврдат судиите од грчкиот Апелациски суд во Кожани.

Костопулос се чуди како можело да се заклучи дека словенските дијалекти на Македонија се како креолски јазик. „Во лингвистиката ‘креолите’ се јазиците создадени во европските колонии со мешање на јазиците на колонизаторите и поданицит, на пример, хаитски француски). ‘Екскреолизмот’ на македонскиот јазик природно има идеолошки предзнак: негово сметање како ‘подреден’ јазик, недостоен за зачувување и заштита. Ова е размислување, што го потврдува и речникот на одлуката ‘помошен’ јазик, производ на ‘неписменоста’“. Tоа било ‘историски надминато’ …“ – напиша Костопулос.

Тој ја поздрави реакцијата на Центарот за македонски јазик на изјавата на македонскиот премиер Христијан Мицкоски дека ќе ги поддржи Македонците во Грција во барањето за нивното право. Од Центарот порачаа дека ова е нивна борба и дека не им треба помош од страна. Taсос Костопулос е еден од најлибералните историчари во Грција и е автор на неколку книги, меѓу кои е и „Забранетиот јазик“, „Националните партии и раниот македонизам“ и други.