Судскиот совет денес ќе формира комисија која ќе ги разгледа сите документи од претходните судски случаи на Васил Јованов, обвинет за сообраќајната несреќа на „Партизанска“ во која загина 22-годишната Фросина Кулакова со цел да утврди дали имало пропусти во постапките против него.
Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, најави дека ќе се разгледаат сите јавни забелешки и ќе се излезе со официјален став, јавува ТВ21.
Судиите на Основен кривичен суд Скопје изразија жалење за смртта на Фросина и ги повикаа надлежните институции да проверат дали постојат пропусти во судските постапки и дали судијата требало да се изземе поради можни поврзаности со обвинетиот.
Јавниот обвинител Гаврил Бубевски потврди дека Обвинителството постапува согласно сите процедури и дека процесот е проширен за да се испита улогата на родителите на Јованов во овозможувањето на неговото возење.
Јованов, кој е во притвор, ќе се соочи со тешки кривични обвиненија за убиство со умисла, со можни казни од четири до 20 години затвор.