И покрај големите рудни богатства и долгата историја и традиција на рударење, во Македонија во последните 40 години е отворен само еден нов рудник, додека неколку инвестициски проекти се компромитирани и пропаднати. Постоечките рудници воведуваат стандарди на т.н. еколошко рударење, а Европа веќе отворено зборува за „климатски неутрална економија“ и за потребата од инвестирање во рударството, анализира Плусинфо. Македонија тоа засега не го гледа и упорно го поттикнува отпорот против изградбата на каков било и чиј било рудник.

Со својата богата рудна историја, Македонија отсекогаш била меѓу водечките рударски земји на Балканот. Благодарение на значителните резерви на минерални суровини, рударството како индустрија има огромен потенцијал и може да биде клучно за идниот економски развој на земјата. Рударскиот сектор е важен за локалната економија, тој обезбедува работни места, како и зголемен извоз на разни суровини.
Дополнително, овој сектор може да одигра важна улога во европската зелена транзиција, за што постојат и еколошки аргументи, како за, така и против. Според директорот на Институтот за одржливи метали и минерали „Лувен“, Питер Тим Џонс, кој е автор на книги за оваа тема и климатски активист, зелената транзиција, односно транзицијата кон климатската неутралност, бара масовно производство на електрични автомобили, ветерници, батерии и друго. Ова е возможно само доколку постојат доволно количество ресурси на литиум, никел, кобалт и други минерали. За овие метали се потребни повеќе рудници.
Прашањето за балансот помеѓу економските бенефити за Македонија наспроти еколошките предизвици се наметнува како централно тежиште на дискусија која се води со години.

Рударскиот сектор во Македонија, меѓу другото, вклучува значајни наоѓалишта на олово и цинк. Рудниците „Саса“ „Тораница“ и „Злетово“, кои се значајни за производство на овие метали, придонесуваат за економијата на земјата и нудат работа за голем број жители. Дополнително, Македонија има изобилство резерви на лигнит, што е основа за домашното производство на електрична енергија, иако резервите се исцрпуваат и наскоро може да биде потребен увоз.
Потенцијалот на Македонија во поглед на металични минерални суровини (суровините од кои се извлекуваат метали) е огромен, објаснува за Плусинфо експертот за минерални суровини, професор д-р Теодор Серафимовски.
- Не е тајна дека Македонија има потенцијал за полиметални минерални суровини, најнапред за олово, цинк, бакар и зa злато, а нуспродукт е и среброто. Земјава има потенцијал и за ретки елементи, како што се германиумот, кој се добива во олово-цинковите рудници, како и платината и паладиумот, кои се поврзани со златно-бакарните рудници. Од тој аспект, Македонија може да смета на истражување на потенцијалните локалитети и за во иднина – додава д-р Серафимовски.
Македонија, како држава, вели тој, може да вложува сопствени средства за искористување на минералните суровини, особено на критичните минерални суровини кои сега се барани во Европа.
- Таму имаме и искуства за кои можеме и понатаму како држава да вложуваме и сопствени средства. Европа во последно време тежи кон критичните минерални суровини, а во нив се вклучени и цинкот и антимонот. Македонија во минатиотио имала продукција на антимон, а во последните неколку децении тоа е застанато. Но, пазарот ја диктира оправданоста на експлоатацијата на некои минерални суровини. Има голема пазарна побарувачка на антимон во Европа, а тоа треба да се процени преку новото Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, па да се бараат заинтересирани за концесии – објаснува Серафимовски.
Инаку, Европската Унија (ЕУ) почна да поддржува домашно рударство, со фокус на критични минерални суровини како што се литиумот, бакарот и кобалтот. Оваа стратегија има за цел да ја намали зависноста од увоз на метали од земји како Русија и Кина и да ја поддржи зелената транзиција. ЕУ веќе усвои директива за критични суровини, со која се предвидува побрзо издавање дозволи за експлоатација на руда, што треба да им помогне на инвеститорите во нови рударски проекти. Повеќе за оваа анализа може да се прочита на Плусинфо.мк.





