Скопската Зоолошка градина е тема во јавноста во последниве неколку дена, по најновиот случај со седумте пцовисани берберски овци, но и по многуте скандали што се случија во изминативе три години. Во 2023 година во скопската Зоолошка градина се родиле 40, а пцовисале 10 животни. Во 2024 година се родиле 33 животни, а пцовисале 15. Вкупниот број на родени животни за овие две години е 73, додека, пак, на пцовисани е 25. Повеќето од пцовисаните животни се единки кои биле во длабока старост, информираат од ЗОО-Скопје и нагласуваат дека со овие официјални бројки сакаат да ги сопрат дезинформациите во јавноста дека се прикривала смртта на над 40 животни.

- „Зоолошка градина на град Скопје моментално е дом на 646 животни, од 91 видови, за кои се грижат зоонегуватели кои професионално си ја работат својата работа и имаат грижа и љубов кон сите животни. Се обраќаме до јавноста, со цел и надеж дека одредени поединци ќе престанат со ширење дезинформации и невистини, и со пласирање на информации на начин и со цел да ја вознемират јавноста“, се вели во соопштението од ЗОО Скопје.
Оттаму нагласуваат дека во државата има и други институции кои се привремен или постојан дом на животни и луѓе, „но од ниту една од нив не се очекува и бара, ниту, пак, тие ја известуваат јавноста за секое угинато животно или починат човек“.
- „Јавно ги каниме советниците од Советот на Град Скопје, сите медиуми, институции, здруженија и други групи директно или индиректно засегнати и заинтересирани за работењето на нашата установа, организирано и со најава да ја посетат Зоолошка градина Скопје и сами да се уверат во начинот на грижата за животните и нивната благосостојба и да се уверат во отчетноста на нашата установа преку евиденцијата и документацијата која ја водиме и поседуваме“, се вели во соопштението од ЗОО Скопје.





