Колкаво е најновото задолжување на државата кај домашните кредитори?!

Нешто повеќе од 80 милиони евра е новото задолжување на државата на домашен пазар. На берзата котираат две нови државни обврзници. Едната е петгодишна со вредност од над 24 милиони евра, а другата 15 годишна од близу 60 милиони евра. Каматните стапки се 4, 2  и 5, 6 проценти. Задолжувањето е впишано и во календарот објавен на сајтот на министерството. Од финансии тврдат дека е според планот за годинава, а  обезбедувањето на потребните пари на домашен пазар се уште е поевтино.



И во следните три месеци државата ќе се задолжува со нови државни обврзници на домашен пазар. Но, и ќе треба и да се раздолжува. Во април, мај и јуни ќе доспеат за враќање над 143 милиони евра. Државата планира да собере и нови пари од граѓаните. Според,  календарот, месецов  треба да биде објавена и нова граѓанска обврзница, а и во јули.

Инаку, досега беа издадени две вакви обврзници. Првата во јули лани, а другата пред крајот на минатата година. Тие се со каматна стапка од 5 отсто. И со двете, државата успеа да прибере повеќе пари од граѓаните отколку што се планираше.