Во колку часот да излезат на балкон оние 650 илјади македонски граѓани без пасош со „Северна“ за да аплаудираат, се знае ли нешто? Ќе има ли промотивни спотови со пораката „слушај го Оливер“ како во времето на короната за Филипче? А стикери со ликот на Спасовски како Супермен?
Може и со Ковачевски, Османи и Џафери, но и со „јунаците“ од Нивици, Заев и Димитров. Сите имаат заслуги за „привилегијата“ на една третина македонски граѓани да заштедат со самото тоа што не можат да мрднат од тоа што остана од Македонија.
Заедно со налепницата НМК, на станиците за технички преглед задолжително да следува стикер со ликот на еден од наброените генијалци, како кога купуваш фрижидер и добиваш фен гратис. За на 8 мај секој да си има потсетник кој му сторил добрина со поткрепувањето на патриотизмот преку паролата „Запознај ја Македонија за повеќе да ја сакаш“, наместо да арчи девизи во соседството и пошироко.
Не за џабе „талантот“ во улогата на технички премиер ќе ѝ „одбруси“ на опозицијата дека бил несериозен нејзиниот повик за продолжување на важноста на патните исправи до крајот на годинава. Тамам работа! Откако Русија, Северна Кореја, Хутите од Јемен и неодамна Израел ептен сериозно ги сфатија предупредувањата од овдешниве експерти за меѓународни односи, на што би личело светската велесила сега да не го почитува потписот на оној што татко му го проколна да му се исуши раката?
А бе, ако треба, никогаш нема да се излезе од овие 25 илјади и кусур километри квадратни само за да се спроведе од точка до запирка „договорот“ што ќе нè однесе(л) во рајот. Ма, каков национален интерес, загрозени човекови права, дигнитет и слични ми ти тривијалности, важно е да не се отстапи од потпишаното, макар и на сопствена штета. Ете, сменија луѓето еден (со број: 1) патоказ со натпис „Скопие“ во „Скопје“. Малку ли е?
Трпение-спасение. Ако не овој февруари, другиот март сетики ќе стигнат фамозните обрасци што ги нарачал Оли. Па, оние што се сликале во ноември/декември, кај и да е, до јуни/јули можеби и ќе можат да се сликаат покрај Белото Море додека сркаат фрапе, за на враќање да се натоварат во „Лидл“. Сите други ќе се сликаат на – Кале…
Само да се мрчело, значи. Како бе на никој не му текна дека од стратешко значење е оваа епска (не)способност на европска држава, членка на НАТО, да му издаде патни исправи на граѓанството. Како тоа како? Така, фино. Сите што залудно се обидуваат да ги добијат телефонските оператори или да аплицираат по електронски пат ќе останат барем уште некој месец во државичево. Во меѓувреме, ќе мораат ли да јадат, пијат, плаќаат сметки, даноци, казни? Има време, ќе се иселат. Кај се брзаат? Нека дојдат прво Филипинците и Непалците што треба да ги заменат, па нека фаќаат џенем. Неблагодарни. Ќе молат да се вратат…
Башка, не знаат што пропуштаат. Кај ќе најдат олку трпеливи институции, функционери и државни службеници што мораат катаден да трпат критики, притисоци, обиди за подмитување и заобиколување на процедурите, висење по шалтери и пунктови за сликање? Што народ ќе беше?






