Жестоко за секој што оди контра законот најави власта. Во моментов трае акција на Државен пазарен инспекторат на целата територија на државата, информираше премиерот Христијан Мицкоски.
– Согласно Законот за угостителство, се лиценцираат кабареа, отворени и затворени дискотеки. Нивната бројка е многу поголема од тие кои имаат законски документ. Во 2007 година е сменет законот, во тие измени документите кои ги доставува правното лице кое бара лиценца, тврди под морална, материјална и кривична одговорност дека ги исполнува условите. Проблемот е што екс-официо не се проверени тие документи. Така што, овој објект од 500 и нешто квадратни метри не може по ниту една основа да биде кабаре и да бара лиценца. Тука е дополнително проблемот правен затоа што за дискотеките сумата која треба да се плати, надоместокот, е поголем од тие што се лиценцираат за кабаре. Се истражува и бидете сигурни дека ниту еден објект кој не ги исполнува, како што стои во законот, минимум техничките услови, нема да биде оставен да функционира. Со сиот ризик и критика која потоа Владата ќе ја трпи – рече Мицкоски.

Премиерот посочи дека жали што досега сето ова се толерирало.
– Жалам што во Министерството за економија кога ги добивале документите не ги проверувале. Жалам што за 15 минути, за одредена сума надомест, се давани овие лиценци – рече тој.
Тој потенцира дека пред 2007 година Државниот пазарен инспекторат вршел контрола на ноќните клубови, дали се исполнети пропишаните законски услови за такви објекти. Но, по законските измени во таа година, повеќе не се врши контрола, туку лиценцата се работа се добива со изјава на барателот под материјална и кривична одговорност дека се исполнети условите. Пазарниот инспекторат, додаде Мицоски, работат по пријава.





