Кирил и екипата ја покорија Атина, Алкалоид на чекор до европска титула

Ракометарите на Алкалоид одржаа лекција по модерен ракомет и во одличен натпревар среде Атина го победија АЕК со 25-29



Со стабилна игра Алкалоид обезбеди солидна предност пред реваншот кој се игра во Скопје за седум дена.

Грчкиот тим водеше само на почетокот со 2:0 по што во првото полувреме се играше гол за гол со само два моменти кога двата тима водеа со два гола разлика.

Во вториот дел Алкалоид многу подобар противник и искусно ја одржуваше предноста од 2-3 гола, а со одлични одбрани на голманската линија во финишот дојде до победа од највисоки четири гола разлика.

Победата на Алкалоид не може да биде заменета ниту од инцидентот кој го предизвикаа навивачите на АЕК кои по четвртиот одбранет пенал на Галевски од трибините со тврд предмет го погодија младиот Митев.

Најзаслужни за победата на тимот на Кирил Лазаров се голманите на Алкалоид, Кизиќ њо десет одбранети удари, и Галевски со девет.

Галевски успеа да одбрани дури пет од 6 седмерци кои ги имаше грчкиот состав. Најефикасен во Алкалоид беше Мартин Серафимов со шест гола, додека одличниот Франциско Да Силва даде пет.

Алкалоид за седум дена ќе има огромна шанса да го слави првиот европски трофеј во својата клупска историја.