Кадриу: Нема да учествуваме на седница за уставноста на Законот за јазиците

Уставните судии Албанци ќе ја бојкотираат седницата на Уставниот суд на 11 декември на која ќе се одлучува за уставноста и законитоста на Законот за употребата на јазиците.



Ова јавно го потврдија вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи и уставниот судија Осман Кадриу.

Доколку следната среда на седницата не се појават судиите од немнозинските заедници, неизвесно е дали ќе се донесе одлуката или не, затоа што претседателот на Уставниот суд Дарко Костадинов неодамна најави дека одлуката треба да се донесе со учество на сите 9 уставни судии, пишува Плусинфо.

Вицепремиерот Фетаи вчера од Брисел најави дека ќе има проблеми во одлучувањето по Законот, а додаде и дека е неизвесно е што ќе се случува по одлуката на Уставниот суд.

„ Во наредните неколку дена очекувам проблеми поради Законот за употребата на јазиците, кој беше оспорен во 2018 година и ќе видиме што ќе произлезе од тоа. Денеска дознав дека уставните судии кои се дел од немнозинските заедници нема да присуствуваат на седницата“, рече Фетаи.

Уставниот судија Осман Кадриу рече дека заедно со неговиот албански колега, Насер Ајдари, и понатаму остануваат на ставот дека нема да учествуваат на седницата на 11 декември, затоа што за нив не е разумно да се дел од мнозинство што ќе донесе одлука во врска со прашања од албански национален карактер.

ДУИ со закана ако Законот за јазиците се најде пред Уставниот суд

ДУИ утрово предупреди дека секој обид за укинување на членови од Законот за употребата на јазиците е „директен удар врз стабилноста и мирот кои оваа земја ги изгради со многу жртви“.