„Арбен Таравари нема да биде дел од Владата, но членовите на Алијансата за Албанците, кои не се согласуваат со него, може да останат во извршната власт.“ – нагласи Билал Касами, градоначалникот на Тетово и еден од лидерите на Вреди, денес во Тетово во одговор на новинарско прашање што се договориле како коалиција Вреди со премиерот Христијан Мицкоски. Ова го објави ТВ Шења.
Натаму телевизијата истакнува: Касами нагласи дека правењето измени во Владата ќе одземе повеќе време, иако вчера рече дека во наредните денови ќе има конкретни чекори во оваа насока. „Одлучивме дека во наредниот период ќе работиме заедно, за да се осигураме дека Арбен Таравари, како главен носител на идејата за соработка со ДУИ, нема да биде дел од Владата. Постои договор дека секој, што соработува со Али Ахмети, не може да биде дел од Владата во оваа ситуација. Ќе ја информираме јавноста за динамиката и начините како ќе се спроведе ова, откако ќе имаме конкретно решение, бидејќи тоа не е едноставно прашање. Ако се согласиме дека ќе има реформа на владата, ќе мора да видиме кој ќе мора да си оди, а кој да дојде, бидејќи гледаме дека и во оваа ситуација има некои заинтересирани страни во владата, што се дел од партијата на Арбен Таравари, но кои не се согласуваат со него.“ – посочи Касами.
Тој смета дека треба да се направи јасна разлика меѓу Арбен Таравари, кој е носител на комуникацијата со Али Ахмети, и Алијансата на Албанците. Тој потсетува на ставот на коалицијата дека Алијансата на Албанците е важен фактор во коалицијата Вреди и нивната желба е тие да продолжат да бидат дел од коалицијата. „Ние сме отворени за продолжување на соработката со сите, кои се дел од Алијансата на Албанците и кои сакаат да продолжат да бидат дел од Владата, Значи, во овој момент оценуваме дека главниот проблем е директната соработка на Арбен Таравари со Али Ахмети. Таа одлука е веќе донесена, дека во овој случај Арбен Таравари не може да биде дел од Владата. Секој друг член на Алијансата на Албанците, што не се согласува со оваа соработка меѓу Арбен Таравари и Али Ахмети, е добредојден да продолжи да биде дел од Владата. Затоа, овие ситуации мора да се разјаснат, кој е за, а кој е против соработката со ДУИ.“ – нагласи Касами.
Според него, кога ќе се разјаснат дилемите со Алијансата за Албанците ќе има промени и во нивните сегашни официјални позиции во Владата и другите органи на извршната власт.






