Претседателот на Движењето БЕСА и градоначалник на Тетово, Билал Касами, во интервју за Гласот на Америка зборуваше за можната соработка со ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори.
Касами појасни дека нема да има формална коалиција, туку идејата е владините партнери меѓусебно да си ги поддржуваат кандидатите во оние општини каде што не се натпреваруваат меѓу себе.
„Ние сме дел од владината коалиција и во минатото имавме соработка како опозициска партија, а сега имаме соработка и во Владата. Локалните избори се поконкретни и не можеме да зборуваме за формална соработка со ВМРО бидејќи имаме општини каде што се натпреваруваме со ВМРО, како што се Кичево и Брвеница, каде што битката ќе се води за градоначалник Албанец или Македонец. Таму ни е потешко да соработуваме, но имаме општини како Тетово, Чаир и Гостивар, каде што се знае дека победникот ќе биде Албанец, а македонската заедница таму е малцинство и таму Македонците гласале и за Албанци во минатото. Што се однесува до листите за советници, ние се натпреваруваме посебно и секоја партија бара гласови за своите кандидати и не можеме да кажеме дека ќе имаме коалиција, но како владина партија ќе имаме соработка“, објасни Касами.
Пред неколку дена премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изјави дека е природно да разговараат за (пред)изборна соработка со владините партнери.
Касами доби поддршка од партијата на Мицкоски на последните избори за градоначалник на Тетово, а неговата БЕСА, која освои 12 советнички места, токму со четирите на ВМРО-ДПМНЕ го сочинуваат мнозинството во Советот на Општината.







