Поранешниот вицепремиер и министер за одбрана на Бугарија, Красимир Каракачанов, бившиот европратеник Ангел Џамбаски и мала група нивни сопартијци од ВМРО-БНД се обидоа со протест да им ја расипат посетата на Софиската опера и балет на македонската делегација предводена од претседателката Гордана Силјановска-Давкова.
При пристигнувањето на високите гости од Македонија пред Операта демонстрантите прво ракоплескаа, а потоа скандираа „сакаме права“, мислејќи на Бугарите во Македонија.
Дел од нив држеа транспаренти со пораките „Патот на РСМ кон Европа поминува низ Коридор 8“ и „Стоп на јазикот на омразата, дајте им права на Бугарите“.
Специјалните полициски сили ги обезбедуваа Силјановска и нејзината придружба, кои дојдоа да го проследат гостувањето на Македонската опера и балет со операта „Набуко“.






