Се интензивираат процесите но и притисокот од меѓународниот фактор за да не се испушти „прозорецот на можности“ – како што постојано и на многу начини се карактеризира првата половина од 2018 година – за решавање на спорот во Атина и Скопје, констатира „Катимерини“ кој во денешниот напис ги „детектира“ евентуалните пречки што можат да се јават.
Панос Каменос, пишува весникот, вчера уште еднаш повторил дека неговата партија нема да гласа за договор во кој е содржан терминот „Македонија“ и останува на ставот дека „постои одлука која е во сила против не-употребата на терминот Македонија“, донесен од Советот на политички лидери во 1992 година кога претседател на Грција беше Константинос Караманлис.
Лидерот на Независни Грци, малиот, но клучен владин партнер – како што пишува атински „Катимерини“ во денешната анализа – вели дека „за да се поништи ова и да се направи каква било промена во позицијата на Атина во врска со ова прашање, мојата позиција, позицијата на независните Грци е дека претседателот на Републиката треба (сега) да го свика Советот на политички лидери“.
Тој вели дека дури и во овој случај ќе инсистира против употребата на терминот „Македонија“ и сугерираше дека апсолутно мнозинство за изгласување на предлог за име на северниот сосед не е потребен.
Изјавата на Каменос е всушност одговор на обвинувањата од опозициската Неа демократија, дека постои неединство во владината коалиција.
Министерот за надворешни работи, Никос Коѕиас, и од владата тврдат дека е потребно парламентарно мнозинство за да се донесе било кое решение за името.
Од владини извори, продолжува „Катимерини“, негираат дека ќе има средба на премиерот Алексис Ципрас со својот македонски колега, Зоран Заев, во првите денови на Новата година со оглед на тоа што Заев ќе биде во Солун за новогодишната ноќ, по покана градоначалникот Бутарис.
За ситуацијата во Скопје „Катимерини“ констатира дека „Заев, се чини, направи некои, барем реторички, чекори (…) меѓу другото прифаќајќи дека идентитетот на Александар не е монопол на Скопје.
„Исто така, во соседната земја, беше прекината програмата ‘реконструкција’ на Скопје, која го трансформира централниот плоштад на градот во антички парк, , а сериозно е дискутирано преименувањето на централните патишта и аеродромо…“.
Сепак, ситуацијата не е идилична, пишува „Катимерини“ и потсетува дека во последната анкета дури 67,1 отсто граѓани не се согласуваат со промена на името.






