Доналд Трамп  го отфрли предлогот за нова дебата со неговата демократска противкандидатка Камала Харис.



„Проблемот со друга дебата е што е доцна. Гласањето веќе започна“, рече поранешниот претседател за време на предизборниот митинг во Северна Каролина, мислејќи на почетокот на предвременото гласање во некои држави.
Харис сака дебата со Трамп на 23 октомври на Си-Ен-Ен.

„Потпретседателот Харис е подготвен повторно да се соочи со Доналд Трамп на сцената и таа ја прифати поканата на Си-Ен-Ен за дебата на 23-ти октомври. Доналд Трамп не би требало да има проблем да ја прифати таа дебата“, соопшти нејзиниот тим.

Харис и Трамп ја одржаа својата прва дебата на 10 септември, а анкетите покажаа дека таа победила. Потоа, Трамп рече дека нема да учествува во друга дебата со Харис пред изборите на 5 ноември.

„Нема да има трета дебата“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Truth Social.

Тој веќе учествуваше во дебата против претседателот Џо Бајден во јуни.

По таа дебата, Бајден се повлече од трката.