Хрватскиот славист и македонист Горан Калоѓера се осврнува на македонскиот државен празник Ден на сесловенските просветители светитте Кирил и Методиј од аспект на Македонците.
„Не дека доцнам со намерата, туку сакав Македонците и Македонките први да го искажат споменот на нивните великани Константин и Методиј. Не знам што ново би можел да напишам за овие луѓе што веќе не сум го напишал. Сепак, ќе се обидам да бидам актуелен, малку да ја занемарам историјата и да го кажам следново: вакви умови ретко се раѓаат. Тие со својата работа, својата мисија и смрт го задолжија целиот словенски свет, но и разбудија чувства и донесоа нови сознанија на Западот за аморфната маса на словенските народи, кои благодарение на нив и на нивните ученици го осознаа христијанството, добија писмо и се приклучија на европскиот свет и цивилизација. Ретко која нација има такво културно наследство и со тоа треба да се гордеат Македонките и Македонците.
Нивното дело е огромно, тоа го задолжува целото културно, јазично и книжевно наследство на сите словенски народи, пред сè на Македонките и на Македонците. Зошто, да бидеме реални, сè потекнало од Солун, потоа од словенските склавинии и станало писмо (глаголица) на мнозинството словенски народи. Преминот кон кириличното писмо е неволен и политички притисок врз нивните ученици, кои тоа го одбија и го негуваа глаголското писмо до нивните крајни можности. Ние, Хрватите, сме им благодарни за тоа наследство, глаголицата, која била зачувана во Хрватска до кнезовите Зрински и Франкопан, па и понатаму.
Трагично и тажно е што нацијата од која потекнуваат ваквите генијални умови и чиј јазик бил употребен за создавање на азбуката, денес чекаат да им се отворат вратите на Брисел. Гледајќи на тоа од денешна перспектива, со својата работа, активност и политика, како и со доаѓањето кај папата во Рим, тие станаа факели на европскиот дух, што на народот од кој ги црпеа нивните говори за да го создадат писмото, тоа денес безобразно им се оспорува. За Грците нема да зборувам, тоа не ме интересира, но што бараше бугарската делегација кај папата по повод празникот Свети Кирил и Методиј, не ми е јасно“, напиша на Фејсбук поранешниот почесен конзул на Македонија во Риека.






