Како „Пелистерка“ со приход од 5,5 милиони евра „падна“ на добивка од 200.000?!

Наместо да ја зголемат, ја намалија својата добивка за првите девет месеци од годината, и тоа за цели 59 проценти. Станува збор за „Пелистерка“, компанијата која се занимава со производство на освежителни пијалоци, минерална вода, но и друга флаширана вода. Имено, како што објави Фактор, таа компанија со околу 17 проценти е најголемиот акционер на Стопанска банка Битола, а заедно со поврзната компанија „Тимох“ контролира над 21 отсто од банката, и тие беа главните акционери околу кои се собра групата кои не гласаа за продажба на банката на Комерцијална. Како и да е, банката си продолжи по својот пат, а прикажа и позитивно финансиско работење за првите девет месеци од годинава, односно одлична добивка од 694 илјади евра, наспроти многу поголемата загуба во истиот период од минатата година.



Но, анализата во овој текст е посветена на главниот акционер на Стопанска банка Битола, а тоа е „Пелистерка“. Имено „Пелистерка“ во првите девет месеци од годинава има остварено чиста добивка од само 198 илјади евра, или нецели 200 илјади, што е голем своевиден „неуспех“ ако се има предвид дека лани нето профитот бил на ниво од 485 илјади евра. Или, намалувањето е за цели 59 проценти.

Оваа слаба добивка е остварена во услови кога приходите од продажбата биле доста солидни и изнесувале дури 5,42 милиони евра. Тоа е пораст за два отсто во однос на истиот период лани.

Притоа треба да се истакне дека 4,38 милиони евра се приливи остварени од продажбата на соковите и водата на домашниот пазар, и тука има благо намалување за пет проценти, додека пак, причина за радост може да биде освојувањето на нов простор на странските пазари, со продажби кои таму достигнале 1,04 милиони евра, што е зголемување за дури 50 отсто во однос на истиот период од минатата година.

Оперативните расходи пораснале со поголем процент од приходите, односно за дури 18 отсто, а изнесувале 4,7 милиони евра. Најголем дел се трошоци за суровини и други материјали и тоа 3,06 милиони евра, и кај нив има наголем пораст за 36 проценти. За плати и надоместоци на вработените се исплатени 606 илјади евра, и тоа е зголемување за 10 проценти. Повеќе на Фактор.мк.