Палењето на знамето на Република Македонија беше еден од моментите што го обележаа големиот антимакедонски митинг завчера во Солун, каде што 90.000 луѓе според грчката полиција се собраа да кажат дека „Македонија е грчка“ и да изразат несогласување со тоа терминот Македонија да биде содржан во името на северниот сосед на Грција.
Додека еден од демонстрантите го палеше македонското државно знаме, присутните пееја и ракоплескаа.
Но, за разлика од осудата на палењето на знамето на македонската држава во повеќе наврати во Косово, последен пат по изрекувањето на пресудите за учесниците во терористичкиот напад во кумановско „Диво Насеље“, овојпат немаше официјален протест од македонска страна, каков што побара најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ.
Во името на Владата, која „продолжува искрено да ги гради мерките на доверба со Република Грција со цел достоинствено да придонесеме кон решенија на отворените прашања во интерес на граѓаните на двете земји“, се огласи Министерството за надворешни работи со квалификација дека станува збор само за „изолирани инциденти“ на протестот во Солун во неделата.





