Каква порака се испраќа со прогласувањето како „почесен доктор на науки“ на Невзат Халили, деецот за „Илирида“ и федерализација на Македонија?

„На 30-годишнината на државниот Универзитет во Тетово поранешниот политичар и активист Невзат Халили беше прогласен како ‘Почесен доктор на науки’ – ‘Doctor Honoris Causa’. Сенатот на Универзитетот во Тетово го удостои Невзат Халили и му ја додели оваа престижна титула.“ – објавија „Опен-тв.мк“ и некои други медиуми на албански јазик во Македонија. Информативниот портал „Телеграфи“ ги има цитирано пред 13 години следниве зборови на Невзат Халили: „Федерализацијата, или конфередерализацијата на Македонија, се најдобрите начини да се реши албанското прашање во Македонија. Таа ќе треба да се сочинува од две територијални единици, македонска и албанска, бидејќи во спротивно албанската територија ќе биде прогласена како Република Илирида – независна држава во рамки на постојните граници на Поранешната Југословенска Република Македонија“. Во мај 2024 година во улога како „претседател на Движењето Илирида“ во една јавна расправа Невзат Халили имаше кажано: „Треба да ги промениме позицијата и статусот на Албанците во Македонија, за да станат рамноправни. Според меѓународните норми, Повелбата на Организацијата на Обединетите Нации и документите од Хелсинки, ние, Албанците, треба да имаме автономна самоуправа, треба да ја имаме Република Илирида, која е израз на волјата на албанските граѓани, искажана на Референдумот за политичко-територијална автономија од 1992 година. Република Илирида ќе има свој Парламент и ќе функционира како втора република во * Македонија.“ Имајќи ги предвид ваквата позиција и ваквите ставови на Невзат Халили, кој беше и еден од иницијаторите за одржување на споменатиот референдум на Албанците во 1992 година, се наметнуват некои дилеми. Дали оваа титула му е доделена на Невзат Халили само поради неговиот „придонес кон албанското образование“, како што е образложено? Или можеби и се испраќа некаква порака, но и кому, со прогласувањето на Халили како „Почесен доктор на науки“ на државниот финансираниот Универзитет во Тетово? Овие дилеми се дотолку поголеми, што таа титула му била доделена на Халили на одбележувањето на наведениот јубилеј, како што е објавено, во присуство на „значајни личности, меѓу кои претставници на Координативниот совет на албанската дијаспора, амбасадори, верски поглавари, универзитетски ректори и ветерани на образованието“.



Медиумот уште напиша: „Трогнат од честа, Невзат Халили ја истакна важноста да се чуваат и да се развиваат националните вредности преку знаење и образование. Во своето излагање ректорот на Универзитетот Јусуф Зејнели рече дека овој универзитет останува симбол на заложбите и стремежите на Албанците за образование на мајчин јазик, и покрај големите предизвици со кои се соочил при неговото формирање.“