Кабинет на Гаши: Интерпелацијата за Даути не значи разрешување

Кабинетот на претседателот на Собранието преку соопштение нагласува дека гласањето за интерпелацијата нема правно обврзувачки последици за разрешување и нема правно дејство. Ова се случува откако попладнево со 61 глас „за“ беше прифатена интерпелацијата за работата на претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади Илире Даути oд ДУИ.



„Собранието денеска одржа пленарна седница на која се разгледуваше интерпелацијата за работата на пратеничката Илире Даути, претседател на Комисијата за социјална политика, демографија и млади. Седницата се одржа во потполна согласност со Уставот, Деловникот на Собранието и постоечките закони. Изјавите на одредени медиуми кои велат дека резултатот од гласањето за интерпелација наложува разрешување на г-ѓа Даути се неточни. Нагласуваме дека гласањето за интерпелацијата е израз на пратениците и нема правно обврзувачки последици за разрешување и нема правно дејство. Именувањата и разрешувањата се уредуваат со други посебни процедури утврдени во Деловникот на Собранието, законите и Уставот. Собранието останува цврсто на заложбата за зачувување на институционалниот интегритет, почитување на законите, Деловникот, Уставот и обезбедување на транспарентност во сите собраниски процедури, се вели во соопштението.

Инаку, со 61 глас од ВМРО-ДПМНЕ, Левица и ЗНАМ, Собранието ја изгласа интерпелацијата за Илире Даути од ДУИ. Taa не го почитувала Собранискиот деловник со тоа што не го ставила Законот за правата на бранителите на комисиска расправа и ги лишила пратениците од дебата за него.