И преку зима ќе се асфалтира патот Кичево-Охрид, вели Трајановски

Набавени се специјални адитиви за асфалтирање на ниски температури, така што зимските услови наредните месеци нема да бидат пречка да продолжи асфалтирањето на патот Кичево–Охрид и на делницата Страцин кон Длабочица, соопшти вчера директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски.



Како што информираше, овој адитив го набавиле трите градежни компании кои работат на  делницата Кичево–Охрид, каде главен изведувач е кинеската компанија „Синохидро“, и целта е овој автопат да биде пуштен во употреба пред летната сезона, ако не во двата правци, тогаш барем едниот да биде во функција дотогаш.

„Ќе се употребува на делницата Кичево – Охрид, набавен е адитивот. Таму има тројца изведувачи, едниот е ‘Гранит’, вториот е ‘Илинден – Струга’, а третиот е самиот ‘Синохидро’ со своја механизација или, пак, со други компании. Со тоа ќе овозможиме тој пат Кичево–Охрид побрзо пред летната сезона догодина да го пуштиме во употреба, ако не во двата правци, тогаш едниот да биде целосно асфалтиран и пуштен во сообраќај“, изјави Трајановски.