Конечно, откако ги немаше никаде, се огласија од самата Топларницата Скопје Север, од каде преку Македонската берза информираа дека нивни нов сопственик е компанијата „Орбита ИНВ ДООЕЛ“, објави Фактор. Она што е интересно е дека новиот газда на топланата која снабдува со парно 500 домаќинства, е друштво со ограничена одговорност на едно лице, и е всушност регистрирана за издавачка дејност, градежништво, трговија и услуги. Со тоа се потврдија информациите на медиумите кои неофицијално објавија дека нов газда на топланата е компанија која не се занимава со оваа дејност, односно енергетика.

Топланата Скопје Север се продаваше на јавна берзанска аукција по моделот се или ништо, и за неа се бараа 350 илјади евра од новиот сопственик. Ова следуваше откако Топланата претходно се нудеше за сума од еден милион евра, но тие пари никој не беше подготвен да ги плати, а потоа се бараа и 600 илјади, но и за оваа сума не се најде заинтересиран купувач. Но затоа на третата среќа за топланата, кога беше побарана сума од 350 илјади евра за сите акции, се појави заинтересиран купувач кој ги плати тие средства. Тоа значи дека Орбита ИНВ ДООЕЛ ги платила овие 350 илјади евра за топланата, а кои ќе влезат во стечајната маса на Топлификација во стечај, и потоа рамномерно ќе им се исплаќаат на доверителите.
Официјалната информација до инвеститорската јавност преку Берзата ја испратил претседателот на Управниот одбор на Топланата Скопје Север, Хусамет Агушовски, кој соопштува дека „кај Друштвото за снабдување со пареа и топла вода Скопје Север АД Скопје е направена промена во сопственичката структура во капиталот на друштвото, односно друштвото за издавачка дејност, градежништво, трговија и услуги Орбита ИНВ ДООЕЛ, на 26 февруари годинава, преку трговска трансакција на Македонската берза се стекна со 77.414 обични акции од издавачот Скопје Север, со што вкупно поседува 99,98 отсто од основната главнина на друштвото“.

Во објавата се додава и дека Топлификација АД сопје повеќе не е акционер во друштвото.
Инаку, медиумите веќе објавија дека сопственик и директор на Орбита е Ари Шеј, како и дека компанијата е формирана во 2005-тата година, со основачки влог од над 76.000 евра. Според податоците на бизнис мрежа, Орбита ИНВ се јавува како сопственик на уште три компании регистрирани во земјава, заедно со бизнисменот од Албанија, Глигор Јоти за кого неодамна имаше написи во медиумите дека е контроверзен поради сомнителни јавни набавки во државава и во Албанија.
Топларницата Скопје Север, ги снабдува со енергија граѓаните во Чаир, Бутел и Топанско Поле, па иако нејзин газда досега беше приватна компанија, Топлификација, која е во стечај, во јавноста се крена голема бура околу цената по која е продаден овој објект, односно 350 илјади евра.





