Медиумски организации и истражувачки новинари од странство, меѓу кои и од Македонија, го обжалија Законот за Федерална разузнавачка служба (БНД) пред германскиот Сојузен уставен суд, оценувајќи го како напад врз слободата на печатот.
Активисти за човекови права и новинари од Германија, Холандија, Велика Британија, Словенија и Македонија, заедно со „Репортери без граници“, Синдикат на новинари, Здружение за слободи, Новинарска мрежа н-ост и Истражувачка мрежа, ја оспорија уставноста на овластувањата на БНД за надзор на новинари во странство.
Меѓу тужителите се и истражуваќката новинарка и радио водителка Кадија Исмаилова од Азербејџан, добитничка на алтернативната Нобелова награда минатата година, како и Мексиканецот Раул Олмос, кој беше вклучен во истражувањето на скандалот со т.н. Парадајс пејперс.
Поради овластувањата на германските разузнавачи за следење преку телефон и интернет на претставници на средствата за информирање надвор од државата изворите на информации повеќе не можат да веруваат дека нивниот идентитет ќе остане таен, се жалат новинарите и нивните организации.
Додека новинарите во Германија не смеат да се следат, а тоа е ограничено за репортерите од Европска унија, за остатокот од светот тоа не се однесува, со што би се создала „второкласна слобода на печатот“. БНД, пак, соопшти дека стратешките информации за странците во странство биле основен инструмент за безбедноста на Сојузна Република. Независно тело на судии и федерални обвинители на Сојузниот суд на правдата ги разгледува овие информации.
Како што објави „Шпигел“ во почетокот на 2017 година, БНД наводно шпионирала најмалку 50 телефонски и факс броеви од новинари и редакции во земји како Авганистан, Пакистан и Нигерија. Тие вклучуваат врски со телевизијата Би-Би-Си, со весникот „Њујорк тајмс“ и со новинската агенција Ројтерс.




