И македонски државјани на листата на 173 камикази на ИСИС

Најмалку двајца македонски државјани се на листата која што Интерпол ја дистрибуирал до своите национални членки во обид да дознае нешто повеќе за 173 членови на Исламската Држава кои што се подготвуваат да пристигнат во Европа и да извршат терористички напади.



За  еден од двајцата на листата која што во мај Интерпол ја предал на македонските власти и на сите други земји во светот, нема прецизнни информации дали во моментов е државјанин само на Македонија, или е и граѓанин на Косово или Србија затоа што е можно да има двојно или дури и тројно државјанство.

Не се исклучува ни можноста некои од другите на листата кои што се водат како граѓани на Албанија или Косово да има и македонски документи.

Во 2014 година еден припадник на ИСИС од Македонија јавно го запали македонскиот пасош што може да значи дека немал намера да се врати жив дома или пак дека поседува и друга патна исправа.

Според македонски безбедносни извори за еден од двајцата македонските власти имале информации дека е загинат во Рака а за другиот последите информации се дека сеуште е активен во Сирија.

Сите соодветни иинформации веќе биле предадени и на Интерпол но и билатерално на други западни служби кои што се заинтересирани за нив.

Листата била испратена до Интерпол од американските служби за безбедност кои што имињата на потенцијалните самоубијци на ИСИС ги пронашле на локации каде што предходно биле сместени командни штабови на оваа милитантна организација.

Според планот на ИСИС овие луѓе по падот на „Исламскиот калифат“ треба да дојдат во Европа и да презивикаат масовни цивилни жртви во знак на одмазда за акциите на западните сили во Сирија и Ирак.

Според анализите на македонските служби на листата има десетина лица од регионот кои што без проблем можат да патуваат во Европската Унија поради безвизниот режим за земјите од Балканот. За разлика од останатите самоубијци на ИСИС кои ќе мораат да патуваат илегално балканските членови можат слободно со своите пасоши да патуваат секаде низ ЕУ.

Македонија, Косово, Босна и Албанија се земјите за каде ИСИС најави одмазда пред се поради соработката на локалните власти со западните сили кои што се борат со организацијата во Сирија и Ирак. Во овие четири земји ИСИС има и логистичка структура која што може да помогне за трансфер на самоубијците терористи на запад но и за извршување на акции во регионот.

Од Македонија во редовите на ИСИС досега заминале над 130 луѓе од кои убиени се околу 20 додека околу 80 се вратени во земјава. Уште десетина луѓе одслужуваат затворски казни во македонските затвори за учество во странска воена организација.