И годинава без заедничко чествување на Делчев со Бугарија

Македонија и Бугарија ни годинава нема да ја одбележат годишнината од раѓањето на револуционерот Гоце Делчев, потврдија од бугарското Министерство за надворешни работи за тамошната Нова ТВ.



„Организирањето заеднички прослави на значајни настани и личности од заедничката историја на двете земји е заложба содржана во Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година. Во моментов Владата во Скопје не се изјаснила за присуство на желба, подготвеност или покана за заедничка комеморација на датумите поврзани со животот и делото на овој толку значаен херој од нашата заедничка историја“, велат од МНР во Софија за задутрешната 153-годишнина од раѓањето на апостолот на македонската револуционерна борба.

Од таму додаваат дека годишнината ќе ја одбележат бугарската амбасада, генералниот конзулат во Битола и локални Бугари, кои ќе се поклонат на гробот на Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје.

Пред две години раѓањето на револуционерот беше одбележано со тензија на бугарско-македонската граница и со засилени безбедносни мерки околу неговиот гроб во Скопје. Делегација предводена од тогашниот бугарски вицепремиер Иван Демерџиев се поклони пред саркофагот со посмртните останки на Делчев, но Владата на Македонија тогаш не прифати заедничка прослава.

Последната заедничка прослава беше во 2022 година, кога пред саркофагот се поклонија и положија цвеќе прво македонска делегација предводена од тогашната министерка за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, а потоа и бугарска делегација на чело со тогашната министерка за надворешни работи Теодора Генчовска.

Претходно во 2017 и во 2019 година поранешните премиери на Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов, заедно положија цвеќе на гробот на Делчев.