Екипи на Општина Центар веќе една недела расчистуваат огромна депонија, преполна со стари двоседи, троседи, фотелји, бела техника, облека и ѓубре, создадена покрај напуштен и руиниран објект во близина на „Ист гејт мол“. Станува збор за објектот што порано служеше како магацински простор што се наоѓа од десната страна на булеварот Гоце Делчев, веднаш пред свртувањето кон мостот „Беласица“. Градоначалникот Горан Герасимовски вели дека се фатиле за работа иако чистењето на депонијата не е во нивна надлежност.

- Оваа депонија е под надлежност на Град Скопје, а под Град Скопје е и јавното претпријатие „Комунална хигиена“. Но, непостапувањето на Градот не нè спречи ние да не постапиме. Срамота е и недозволиво ова што се случува, во нашиот град доаѓаат туристи, а во близина има голем трговски центар. Депониите се потенцијален извор на инфекции. Не само за оваа депонија, туку за сите депонии мора да водиме грижа и да ја подигнеме свеста на повисоко ниво. Сите добро знаеме каде се фрла отпадот и сите треба да водиме поголема грижа за поздрава животна средина. Како општина секогаш ги засукуваме ракавите и бараме решение на проблемите за граѓаните да имаат подобри услови за живот – вели градоначалникот Герасимовски.

Пред два месеца Општината ја расчисти депонијата со смет и токсичен отпад зад ТЦ „Буњаковец“, во објект во кој со месеци биле вселени бездомни лица и зависници. Акцијата беше спроведена по пријава на станарите од околните згради.
Од Општина Центар ги повикуваат граѓаните да пријавуваат диви депонии на телефонскиот број 02 3203 693 или на веб-страницата на Општината.





