„Инспекторатот за употреба на јазиците, по добиениот одговор од Министерството за правда, сега имa појаснување дека можат да постапат против банките во * Македонија за (не)користење на албанскиот јазик.“ – објави информативниот портал на албански јазик „Порталб“. Инаку, на ваков начин Министерството за правда, дури сега, кога министерот Кренар Лога од ДУИ е во заминување, а се уште не е формирана нова Влада, со „појаснување“ – одговор до Инспекторатот за јазици си дозволи да го прогласи албанскиот како „втор официјален јазик на целата територија на Македонија и во нејзината меѓународна комуникација“, согласно со „член 1 од Законот за употреба на јазиците од 2019 година“?! Како ќе одговорат сега банките кон овој обид за нивно присилно „дисциплинирање“ да бидат „послушни“ и тие да „проговорат“ на албански јазик, иако не се државни органи, туку приватни правни лица?
„Порталб“ пишува: Од Инспекторатот велат дека ќе вршат надзор во врска со спроведувањето на албанскиот јазик во банките. Ако тоа не се почитува, Инспекторатот ќе презема мерки, имајќи го предвид одговорот на Министерството за правда дека банките и други правни лица, кои вршат јавни надлежности во согласност со законот дека при собирање депозити и други повратни извори на средства, покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо банките и тие правни лица мора да го користат и јазикот и писмото што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните на * Македонија.
„Инспекторатот за употреба на јазиците ќе врши надзор над спроведувањето и усогласеноста на одредбите од Законот за употреба на јазиците од страна на банките и ако се утврди дека банките не ги почитуваат одредбите од споменатиот Закон Инспекторатот ќе постапи согласно со овластувањата определени во Законот за инспекторатот за употреба на јазиците.“ – велат од Инспекторатот.
Инспекторатот претходно имаше „нејаснотии дали можат, или не, да ги казнат банките за неприменување на албанскиот јазик“. За ова тие побараа став од Министерството за правда.
Агенцијата за примена на јазиците остана на ставот дека приватните банки во * Македонија се обврзани да прифаќаат официјални документи на албански јазик, издадени од државни институции, и да го спроведуваат Законот за употреба на јазиците. Но, во пракса банките не го прават тоа, бидејќи тоа го немаат како обврска.





