Имери-Стафаи остро за Османи: Има ли лице овој курир на Груби и Ахмети да коментира за застапеноста на Албанците?!

Саранда Имери Стафаи, пратеничката од партијата Демократско движење на Изет Меџити, од коалицијата Вреди, реагираше остро кон поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи од ДУИ, опишувајќи го како „курир на Артан Груби и Али Ахмети“ и обвинувајќи го за „вмешаност во враќањето на поранешниот премиер Груевски“. Ова го објави ТВ 21, пренесувајќи ја објавата на Имери-Стафаи од нејзиниот фејсбук-профил.

Телевизијата пренесува: „Министер за надворешни работи на Македонија, кој ќе остане запаметен само по неговата мисија како пренесувач на пораки на линијата Скопје – Будимпешта – Скопје, како ‘прифатлив’ Албанец да го носи во својата дипломатска торба познатото ‘усб’ за складирање дигитални податоци, во кое се наоѓаше планот, што го направија Али Ахмети и Артан Груби за враќање на Груевски како слободен граѓанин и како херој на ДУИ! Сега има ли лице Бујар Османи да коментира потценувачки за албанскиот претставник во Владата?! Бујар Османи, миленикот на Али Ахмети за ‘тајни мисии за спасување’, преговарачот за враќање на Никола Груевски, се уште мисли дека народот има кратко паметење и оти ќе им прости на зулумите и кражбите, што им ги правеа на Албанците со години.“ – порача пратеничката Имери-Стафаи.

Таа го обвини Бујар Османи и за непотизам, роднинство. „Поштарот на Артан Груби смета дека Албанците не знаат оти неговото најголемо достигнување, по неуспехот на планот ‘Груевски доаѓа!’ било само сместувањето на членовите на неговото блиско семејство во моќни државни финансиски агенции, како што е ‘МНАВ – градинката за членовите на семејството на ДУИ’.“ – истакна во објавата на општествената мрежа пратеничката Имери-Стафаи.

Таа остро го критикуваше поранешниот министер Османи и за, како што вели, „поддршката за Вучиќ и неговата борба против Албин Курти“.

„Домаќинот на Лавров и адвокат на Вучиќ во неговата политичка војна против Албин Курти би било добро да се скрие некаде, да се повлече од јавниот живот и да се сокрие од срамот, поради дипломатските скандали и политичките неуспеси негови и на неговата ‘непожелна партија’ – ‘партија нонграта’. Затоа што ќе се чувствуваат долго време штетата и последиците, кои тој и неговата партија ДУИ им ги предизвикаа на Албанците.“ – додаде Саранда Имери-Стафаи од Демократското движење на Изет Меџити, од коалицијата Вреди.