Хрватска, еден од организаторите со Данска и Норвешка на 29. Светско првенство за ракометари од 14 јануари до 2 февруари, очекува илјада макењдонски навивачи во групата Д во Вараждин.
Поради близината, фановите од соседна Унгарија ќе доминираат во „Вараждин арена“, а кој ќе ја добие битката на трибините во салата со капацитет од 5.200 места за седење ќе се знае в среда од 20:30 часот, за кога е закажан меѓусебниот дуел од првото коло.
На 17 јануари од 18 ч. во истото борилиште „црвено-жолтите“ ќе ги одмерат силите со Холандија, а два дена подоцна во истиот термин ќе се сретнат и со дебитантот Гвинеја во трката по едно од првите три места што водат во втората групна фаза.
Вараждин им буди пријатни спомени на љубителите на ракометот во Македонија од Светското првенство 2009, кога Македонија првпат помина група на едно големо натпреварување, и тоа како втора, веднаш зад Германија, а пред Полска, Русија, Тунис и Алжир.
На крајот Македонија го освои 11. место, а сегашниот селектор Кирил Лазаров беше прв стрелец на шампионатот со рекордни 92 гола.
Во Вараждин најдобрите македонски ракометари играа втора фаза на Европското првенство пред седум години, но без тогаш повредениот Лазаров, откако ја освоија групата во Загреб во конкуренција на Германија, Словенија и Црна Гора!






