На денешен ден, на 6 октомври 1014 година умрел македонскиот цар Самуил од срцев удар, откако ги видел своите ослепени војници по битката со византискиот цар Василиј Втори. Во битката кај Беласица на 29 јули 1014 година, што се воделе меѓу војските на Самуил и Василиј Втори, трупите на Самуил биле целосно поразени, а тој се спасил со бегство. По битката Василиј Втори наредил да се ослепат околу 15 илјади Самуилови војници, а на секој стоти војник да му се остави по едно око, за да ги води другите. Ослепените војници биле испратени кај царот Самуил. Од глетката што ја видел, тој умрел од срцев удар. Самуил бил наследен од неговиот син Гаврил Радомир. Самуиловата држава, или како што се нарекува во одделни историографски извори Македонска држава под Самуил, е формирана во 969 година и траела 49 години.
Македонските историчари го именуваат Самоил како македонски цар, истакнувајќи дека тој учествувал во бунтот на комитопулите 969 година, кога била отфрлена бугарската врховна власт во Западна и Југозападна Македонија и биле поставени темелите на македонската средновековна држава, која по него е именувана како Самуилово Царство, најголема ранофеудална државна творба на Балканот. Во негово време македонската средновековна држава го достигнала врвот во својот развиток.
Самуил учествувал во востанието на комитопулите против византиската власт во 976 година. Во почетокот владеел заедно со своите браќа Давид, Мојсеј и Арон, а по загинувањето на Давид и Мојсеј владеел заедно со брат му Арон, но по ликвидирањето на Арона, станал единствен владетел во државата во 986 година. Водел долга и исцрпувачка војна со византискиот цар Василиј. Учествувал во сите позначајни битки и походи против Византија и далеку ги проширил границите на државата. Ги обединил под своја власт речиси сите македонски територии (освен Солун), освоил голем дел од Балканскиот Полуостров (Тесалија, Епир, Албанија, Далмација, Босна, Србија и поголем дел од Бугарија).
Во врска со целосното фалсификување на историската вистина од страна на бугарската историографија, која го прогласува македонскиот цар Самуил како „бугарски цар“ , за што дури и македонско-бугарската историска комисија има усвоено „препорака“ дека „Самуил е дел од заедничката историја на Македонија и Бугарија“ и оттука „треба да биде заеднички чествуван“, д-р Александар Атанасовски, универзитетски професор во Институтот за историја при Филозофскиот факултет на УКИМ во Скопје, истакнува за „Експрес“: Цар Самуил ниту во еден извор не е означен како „Бугарски цар“, или како „Бугарин“. Тој воопшто не го нагласува своето потекло. Во единствениот натпис од село Герман тој се означил како „раб божи Самуил“. Самуил не може да се смета ниту како продолжувач на бугарската држава, бидејќи таа држава била ликвидирана во 971 година од Јован Цимиски. Тогаш бугарската круна била однесена во Цариград и Самуил никако не можел да дојде до неа. Во истата година била ликвидирана и бугарската патријаршија.
Што значи Самуил си создал држава со политички и црковен центар во Македонија. Царска круна добил од Папата , а и автокефалност на црквата, што била формирана од епископиите, кои влегле во составот на неговата држава. Епископите си избрале свој поглавар, кој бил признат од папата и престојувал во Престолната црква Св. Ахил во Преспа. Тоа е вистината, сето друго е шпекулација и лага. Не може некаква Комисија да наметнува свои ставови и да ги принудува другите историчари да ги прифаќаат без приговор. Тоа е фалсификат на историјата, тиранија и национално уништување на Македонците. Господата од ЕУ ја подржуваат политиката на Бугарија за асимилација на Македонците.
Што се однесува до препораките на т.н заедничка мешовита комисија, ние, повеќе од 200 научни работници и интелектуалци пративме допис до македонската јавност, со кој ја запознавме јавноста дека тие препораки се неприфатливи за нас. Во таа Комисија немаше ниеден член, што се занимава со средновековна историја. Не може да стане збор за никаква заедничка историја: кога Бугарите владееле со Македонија биле освојувачи (окупатори) , а не дека станува збор за нешто друго. Сега во најновата Комисија влезе еден средновековец, но не знам дали ќе се вратат на тие прашања, или ги сметаат веќе како завршени?






