Според повеќе извори поранешниот претседател на Македонската кошаркарска федерација Даниел Димевски се повлекува од трката за враќање на позицијата и за наследник на Петар Наумовски, а се со цел „опозицијата“ во овој спорт да не се потроши во меѓусебната битка, и да не успее да го смени сегашниот лидер. Оваа информација ја лиферуваат неколку домашни медиуми кои јавуваат дека Димевски најверојатно увидел дека сам нема да може да ги обезбеди 15 гласа, тоа е минимумот, за свикување вонредно собрание, а во исто време тоа веќе му пошло од рака на другиот кандидат Влатко Илиевски.
Поранешниот репрезенативец има доволно потписи на членови и делегати на највисокиот форум, но иницијативата нема да може да ја поднесе во следните десет дена затоа што МКФ ги спои новогодишните и божикните празници, и канцеларијата е затворена. Ова е веројатно последниот обид на Наумовски да купи време, евентуално нешто во последен миг да смени иако уште на редовниот собир одржан пред седум дена во Скопје јасно се виде дека нема поддршка од клубовите и комисиите да остане и да го истурка целиот мандат.
Вонредното собрание на МКФ треба да се очекува кон крајот на првиот месец во 2018 година или на почетокот на февруари бидејќи тоа е времето кое според статутот е неопходно за принудно свикување, а на него сега веќе по расчистениот пат Влатко Илиевски ќе стане претседател.




